УГД и Гази Баба ќе изработуваат Стратегија за развој на туризмот

Универзитетот „Гоце Делчев“ и Општина Гази Баба ја интензивираат својата соработка, за што денеска во Ректоратот на УГД ректорот, проф. д-р Блажо Боев, и градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, потпишаа Меморандум за соработка. Соработката беше на високо ниво и досега, со оглед на тоа што кампусот на УГД во Скопје е на територијата на Општина Гази Баба, но сега Факултетот за туризам и бизнис логистика заедно со општината ќе работат на изработка на Стратегијата за туризам.

Градоначалникот Трајковски упати благодарност за потпишаниот Меморандум за соработка:

- Дел од факултетите на УГД се лоцирани во Кампусот, кој е на територијата на нашата општина, тоа ни беше почетниот мотив, а верувам дека во иднина заеднички ќе реализираме голем дел проекти кои ќе им бидат од интерес на жителите на Општина Гази Баба и на студентите и професорите од УГД. Една од активностите што ги договорив е поддршка од Универзитетот во изработката на Студијата и стратегијата на Општина Гази Баба за развојот на туризмот, верувам дека како општина имаме потенцијал да го промовираме туристичкиот потенцијал на општината. Во иднина ќе реализираме и други проекти во делот на иновациите, можноста за поддршка на бизнисите, така што во иднина очекувам Општина Гази Баба заедно со УГД да реализираат голем број проекти – изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

За Универзитетот „Гоце Делчев“ од извонредно значење е соработката со сите, во насока на подобро за граѓаните, и УГД е отворен по тоа прашање:

Во таа насока е и нашата соработка со Општина Гази Баба. За нас е значајна не само поради тоа што нашиот кампус во Скопје е лоциран во таа општина, туку и поради конкретни активности во кои ќе се вклучиме. УГД преку Факултетот за туризам и бизнис логистика се вклучува во изработката на Стратегијата за туризмот на Гази Баба, темелен документ во делот на промоција и во привлекување на странски гости, на развојот на општината и се надевам дека градоначалникот ќе ја искористи оваа прекрасна можност за соработка со Универзитетот. Соработката е заемна, во делот на промоцијата на знаењата, на она што значи Универзитет, отворен од секој аспект за сите граѓани независно од која општина или заедница во Р. Македонија би дошле.

 

05/06/2017
Се информираат студентите на прв циклус на студии дека рокот за заверка на парен семестар и пријавување на испити само во Јунска Втора испитна сесија 2017...