Испечатете ја страната
Тренинг школа од проектот „Теренски детектор за генотоксичност“

Во рамките на НАТО проектот со наслов „Теренски детектор за генотоксичност од хемиски, биолошки, радиолошки, нуклеарни и експлозивни направи“ SPS MYP G5266, Факултетот за медицински науки го организираше Вториот тренинг курс и состанокот на кодиректорите на проектот.

На овие настани учествуваа партнерите од Бугарија (Бугарската академија на науките), САД (Institute for Macromolecular Assemblies, CUNY) и Турција (Afyonkarahisar Health Science University). Организирани се затворени сесии и тренинг активности за учесниците на проектот, со цел да се разменат досегашните резултати и постигнувања во рамките на проектот и да се направи детален план за претстојните активности.

Учесниците на Тренинг курсот беа примени од страна на ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, при што разговараа за перспективите што ги нудат ваквите облици на научна соработка. Во рамките на посетата е потпишан Договор за Еразмус соработка помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Afyonkarahisar Health Science University, што претставува нивна прва Еразмус соработка воопшто.

Во рамките на настанот беа организирани две отворени сесии на кои присуствуваа поголем број заинтересирани студенти од Факултетот за медицински науки. Овој настан е одлична можност за промовирање на базичните биомедицински науки и нивното значење за развојот на медицината и пошироко.

- Првата тренинг школа беше минатата година во Софија, каде што ние научивме една нова метода што сега ја применуваме во нашата лабораторија, а целта на оваа втора тренинг школа е сега ние да ги обучиме нашите партнери со една метода која е карактеристична за нашата лабораторија и на тој начин да ги споделиме искуствата и понатаму да ја продолжиме заедничката соработка. Значењето на овој проект за УГД е многу големо. Најпрво, ова е еден од ретките меѓународни проекти кој е финансиран од донатори од странство, во конкретниот случај од НАТО. Од друга страна, можноста за соработка со врвни институции од целиот свет, како што се Бугарската академија на науките, Institute for Macromolecular Assemblies CUNY од САД и Afyonkarahisar Health Science University од Турција – изјави проф. д-р Татјана Рушковска, претставник на УГД во проектот.

Раководител на проектот е проф. д-р Ѓорги Милошев од Институтот за молекуларна биологија во Бугарија, кој истакна дека ова е проект финансиран од програмата на НАТО „Наука за мир и безбедност“, а повеќе е поврзан со медицината.

- Колегите од УГД ни помагаат во областа на медицинските влијанија на различни штетни материи – јас сум молекуларен биолог и се занимавам со влијанието на ДНК, а тие во областа на цитологијата, клеточниот развој и посебно како тоа се одразува на човековото здравје.

Последен пат изменето на Среда, 15 Мај 2019 14:01
Одбележен под
Share this article
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…