Во работилницата насловена „Слобода на изразување“, презентација на тема „Слобода на изразување во медиумите и нејзина злоупотреба и предизвикување говор на омраза“ имаше Тони Михаилов, новинар во Универзитетското радио „УГД ФМ“, а преку скајп вклучување се обрати и главниот уредник на „УГД ФМ“, Игор Стојанов, кој е во студиска посета на САД, и направи споредба на слободата на говор во САД и во Европа, односно Македонија. Свој активен дел имаа и студентите на новинарство, кои презентираа свои анализи и прилози на темата - студентките од прва година Симона и Ивана со аудиоприлог и Power point презентација, Бојана Трајчева од четврта година со анализа за говорот на омраза кон жените и нивното активно учество во општествениот живот, а студентите на новинарство од наставниот центар на УГД во Скопје со анализа на серијата „Фамилијата Марковски“. Во склоп на настанот се вклучија и студентите на Ликовната академија при УГД, кои под менторство на доц. м-р Јана Јакимовска подготвија изложба на постери на тема „Цензура“.