Испечатете ја страната
Интервју со Рисима Рисимкин – декан на Филмската академија при УГД

Со Рисима Рисимкин, кореограф, уметнички директор на меѓународно реномираниот „Танц фест Скопје“, основач на Културниот центар „Интерарт“ за современ танц, а од  декември 2020 г. и декан на Катедрата за современ танц на државно ниво при Универзитетот „Гоце Делчев“ разговаравме за местото на македонскиот современ танц во светски рамки.

- Круна на нашето постоење, нашата борба за квалитет и градење на висококвалитетен уметнички профил е гостувањето кое нè очекува следната сезона во Националниот театар „Шајо“ во Париз, Франција, каде што треба да имаме три претстави во ударен термин, што претставува наша „уметничка сезона“ во еден од најпрестижните светски театри - вели Рисимкин, која за весникот „ВЕЧЕР“ зборува токму за сработеното и плановите поврзани со оваа област на уметноста.

Со оглед на тоа што пандемијата буквално го сопре светот на танцот, како би ја оцениле состојбата во Македонија за минатата година?

- 2020 беше година во која хоризонтите не се согледуваа, нè преклопи со својата непробојност, се чувствуваме како фатени во замка, со нејасен поглед каде се движиме. Културниот центар „Интерарт“ лани, на патот кон своето четврт век постоење (Центарот е основан во 1996 г. и во 2021 г. слави 25 години постоење), забрзано чекореше со цел да не ја прекине нитката на креативност, уметничкиот порив и културното живеење. Создаде три нови премиери за Скопје тaнцовиот театар; програмата на единствениот фестивал кај нас посветен исклучиво на танцот „Танц фест Скопје“, ја направи на исклучително високо ниво, со учество на уметници-гости од САД. На ниеден начин не дозволивме да застанеме, а од оваа година на „опасно живеење“ која ја оставивме зад нас излеговме искалени со нови сознанија и поставивме основа за еден поинаков понатамошен развој. Можеби сме едни од ретките кои ги остваривме сите зацртани проекти со што повторно застанавме на страна на уметноста, која ќе ги преживее сите премрежија, вистински ќе дише, со полн здив. Интерарт е центар кој својот развоен пат го минал низ исклучително тешки околности, кои беа поттик, не препрека. И овој пат успеавме креативно да се изразиме, да не застанеме и да продолжиме да дишеме.

Успеавте едукацијата за современ танц да ја издигнете на највисоко академско ниво, оформивте Катедра за современ танц, на државно ниво, при Универзитетот „Гоце Делчев“ каде што од декември 2020 г. сте и деканка. Кои се плановите за оваа година?

- Многу сум задоволна од тоа што едукативната програма на универзитетско ниво, која ја „увезовме“ од Холандија, го најде својот вистински дом при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тоа е една извонредна високообразовна институција која работи по највисоки стандарди, во која на младите им се посветува големо внимание со цел тие да дојдат до вистинско образование. Катедрата за современ танц при УГД нуди уникатна едукација, продуцира танчари, а многу скоро ќе имаме и студии од втор циклус, мастер студии за кореографија и педагогија. Нашата цел е да станеме европски центар, ние сме први кои „урбаните стилови“ на танц ги внесоа во нашата универзитетска едукација, во тој правец ќе соработуваме со познатиот светски кореограф Мурад Мерзуки, чиј „Пиксел“ своевремено ја одушеви скопската публика. Сакаме да привлечеме студенти од целиот свет и на добар пат сме тоа да го оствариме. Во моментов, според највисоки стандарди го подготвуваме просторот кој Универзитетот го доби на користење во Скопје. На мастер студиите ќе соработуваме со светски реномирани универзитети и танцови академии и навистина се радувам на предизвикот!

Целосното интервју прочитајте го на: Vecer-press.

Последен пат изменето на Среда, 10 Февруари 2021 18:32
Share this article
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…