На 17 ноември 2021 г. во 20 часот во Културно-информативниот центар во Скопје ќе биде отворена изложбата „Трансценденција“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 15 скулпторски дела од галериски формат, создадени со примена на техника на заварување на метал. Скопската публика изложбата ќе може да ја посети до 30 ноември.
Низ призмата на оваа изложба на скулпторот Слободан Милошески скопската публика има можност уште еднаш да види иновативна скулптура која се карактеризира со две особини: начинот на кој се користи материјалот (во овој случај станува збор за метал) и концептот на артикулирање идеи кои се од доменот на духовното.
Општопознато е дека металните скулптури се појавуваат во најстариот период на човечката цивилизација (статуетки, фигурини, тотеми) и тие имаат свој развој до монументалните споменици на современиот свет. Во сите овие фази металот има свои технологии на обработка – од целосно соголување на површината (поради елиминација на сите производи од корозија), преку користење на абразивни техники, како што се пескарење или минирање со микромонисти, па сѐ до хемиско соголување и електрохемиска редукција. Ваквите процедури, во својата завршница, произведуваат патина или полирана површина, секоја со свои специфичности и намени. Патините се ценети поради естетската убавина и му даваат автентичност на предметот. Поради тоа, класичните скулптури од историјата на уметност се обработени според оваа процедура.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.