Влијанието на пандемијата врз микро и малите претпријатија

Автор: Кристијан Трајчов, студент на Медиумски студии и односи со јавноста

Пандемијата предизвика штета на сите претпријатија, а особено на малите во сите бизнис сектори. Според извештај направен од Меѓународната организација на трудот (МОТ) во врска со влијанието на пандемијата врз претпријатијата во мај минатата година, спроведен помеѓу 300 активни претпријатија, најпогодени сектори се транспортот, сместувањето и прехранбените услуги и услугите за складирање.

Според истражувањето, околу 57% од малите и 50% од микро претпријатијата укажале дека нивниот бизнис не би можел да издржи повеќе од три месеци. Речиси сите сектори пријавиле намалување на приходите во просек од 36%. Градежништвото, транспортот, професионални, научни и технички дејности се сектори коишто се најмалку отпорни на кризата со тоа што околу 60% од анкетираните предвидуваат дека нивното постоење ќе престане по 3 месеци. Има голема разлика според големината на претпријатијата, со тоа што само 37% од микро и малите претпријатија имаат пристап до надворешно финансирање, во споредба со 70% од средните и 78% од големите претпријатија.

Сличните тврдења ги има и професорката Тамара Јованов на Економскиот факултет при УГД - Штип и вели дека клучен фактор за компаниите е нивната дејност.

‚‚Најголем дел од регистрираните микро и мали компании кај нас се во дејноста на трговија на мало и големо, преработувачка индустрија, услужни дејности и стручни, научни и технички дејности, кои поради природата на мерките за спречување на ширење на вирусот, несомнено беа дел од силно погодените сектори (индустриско производство, угостителство, трговија и транспорт)‘‘.

Што се однесува до трите најкорисни форми на владина поддршка, околу 48% од претпријатијата истакнале одложување или ослободување од даночни плаќања. Пристапот до субвенционирани заеми е популарен меѓу микро и малите претпријатија (50%). И малите и средните претпријатија сметаат дека даночното олеснување е мошне корисно во тековната ситуација.

‚‚Генерално, мерките беа сочинети од комбинација на елементи креирани да ги ублажат загубите од социјален карактер и да стимулираат економско закрепнување  од развоен карактер‘‘, вели професорката Јованов.

Таа напомена дека во имплементација на мерките постојат и позитивни и негативни аспекти во поглед на повеќето елементи.

‚‚На пример, на страната на позитивните аспекти е мерката за поддршка на претпријатија за исплата на (минимална) плата од 14500 денари, бидејќи на тој начин се зачуваа работни места и се амортизираше порастот на невработеноста. Но, клучна грешка беше што тие средства не им се исплаќаа директно на вработените, поради што се јави голема можност за злоупотреба и неисплаќање на средствата, што го направиле, од различни причини околу 181 компанија. Дали ќе има законски импликации, останува да видиме, но штетата е направена – работниците не добиле ни минимални средства за живот, во страшна криза, во која беше загрозена не само финансиската состојба, туку и здравствената состојба, а за многумина, за жал и животот‘‘.

Измами при исплаќањето државна помош

Проблеми имаше при исплаќањето на државната помош каде што компаниите кои примија средства наместо да им ги доделат на работниците ги задржаа за себе. Кристина Ампева е претседателка на Невладината организација „Гласен текстилец“ во Штип, тие делуваат во текстилната индустрија борејќи се за правата на работниците од овој сектор. Таа вели дека имало случаи каде што конфекции биле регистрирани како микро и мали претпријатија во Централниот регистар, а имале над 200 или 300 вработени.

‚‚Да, имаше многу, премногу случаи на злоупотреба на државна помош. Имаше такви кои не пуштија воопшто плата, 50% од плата или плата под минимална, иако мерките, државната помош беа наменски и гласеа дека се за исплата на минимална плата. Ние знаевме дека ќе се случи тоа, затоа велевме парите да се на сметка на работниците. Во мај предупредивме пак дека имаме сознанија и докази на злоупотреба со таа државна помош, но не наидовме на слух. Иако државниот трудов инспекторат констатираше злоупотреби и даваше решенија да се отстранат неправилностите, сепак немаше други институции кои ги санкционираа овие појави‘‘.

Таа исто така констатираше и дека одамна е изгубена довербата во синдикатите.

‚‚Имате синдикат во приватен сектор само во Сојузот на синдикати на Македонија. Ако ме прашувате мене и она што го гледаме и даваме правна помош на вработени кои членуваат во синдикат, работите се многу полоши, на пример конфекциите и чевларски компании каде што има синдикат. Не мислам дека имаат поддршка од синдикатите. Не мислам дека нешто е направено за која било страна, особено репрезентативниот и најстар Сојуз на синдикати на Македонија‘‘.

Незадоволство и загуби на приходите

Во втората фаза на извештајот на МОТ каде што биле опфатени 246 претпријатија издаден во март годинава, тие покажуваат релативно незадоволство со 61% во однос на соодветноста на владините мерки за справување со негативните ефекти на ковид-19 врз економијата. Од нив, 18% веруваат дека мерките биле целосно несоодветни, додека 43% сметаат дека мерките би можеле да бидат подобри. Мерките спасиле само 3% од анкетираните претпријатија што е релативно мал процент.

Микро претпријатијата доживеале најголема загуба во приходите во однос на малите, средните и големите претпријатија. Поголемиот број претпријатија (72%) забележале дека профитабилноста во 2020 година ќе биде пониска отколку во 2019 година. Тоа е слично со наодите од анкетата во април-мај, покажувајќи дека 78% од претпријатијата очекуваат пад на профитабилноста. Само 3% од претпријатијата очекуваат зголемување на приходите во 2020 година, а 8% очекуваат да бидат повеќе профитабилни во 2020 година во споредба со 2019 година.

Во однос на ова беше направена и анонимна анкета со сопственици на микро и мали претпријатија од Источна Македонија и беа прашани какво влијание имала пандемијата врз нивните претпријатија. Ова беа нивните изјави:

‚‚Како сопственик на мал бизнис бев принудена да отпуштам двајца вработени, бидејќи темпото на работа во мојата печатница се намали, невозможно беше да им давам плата и да плаќам придонеси за нив‘‘.

‚‚Можам да кажам дека државата не извиси нас, во помагањето на малите бизниси, посебно претходната година. Бевме принудени да го намалиме асортиманот на производи и услуги поради пандемијата. Јас како сопственик на бутик се адаптирав со тоа што почнав да продавам облека од дома, но приходите воопшто не беа исти‘‘.

‚‚Мојата фирма и пред пандемијата се соочуваше со тешкотии во работењето и остварувањето на средства коишто би биле доволни за одржување на бизнисот. Но, оваа ситуација беше причина плус за да бидам еден од оние коишто ќе стави клуч на врата‘‘.

Донесен беше и петти сет мерки што ги опфаќа микро, малите и средните претпријатија преку кофинансирана помош за технолошки развој за забрзан економски раст во период на ковид, преку Фондот за иновации и технолошки развој, во висина од 369 милиони денари.

Иако повеќето претпријатија очекуваат целосно закрепнување, закрепнувањето ќе биде релативно бавно. Околу 41% од претпријатијата очекуваат дека закрепнувањето ќе трае подолго од една година, а 35% очекуваат дека закрепнувањето ќе трае 6-12 месеци.

Професорката Јованов пак вели дека предвидувањата за заздравување од оваа криза на глобално ниво се прилично оптимистични, во насока на очекуван брз подем на компаниите и раст на економијата. Секако, брзината на справување со пандемијата, а со тоа и заздравување на економијата значително ќе се разликуваат од една до друга земја, со предност на страната на развиените економии.

Наодите од втората фаза на анкетата на работодавачите даваат систематски доказ за големината на влијанието на пандемијата врз македонските претпријатија. Досега, претпријатијата имаа корист од владината поддршка и мерки, иако е тешко да се процени дали поддршката била доволна. Од една страна на спектарот, некои претпријатија изјавиле дека мерките ги спасиле (од 1 до 11% од претпријатијата, во зависност од мерката), додека на другиот спектар се неколку претпријатија што не искористиле ниту една мерка бидејќи не ги исполниле критериумите.

Како и во многу ситуации до сега, одреден број претпријатија беа оставени сами на себе и на своја снаодливост. Факт е дека за одредени сектори ќе треба повеќе време да закрепнат.

 

Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…