Во текот на изминатиот викенд, УГД беше домаќин на Регионална конференција на темата „Модернизација на високото образование во контекст на дигитализација“. Конференцијата беше во соработка со Western Balkans Alumni Association и во текот на нејзината реализација учесниците имаа можност да проследат предавања од двајца наши професори, проф. д-р Зоран Здравев и проректорот проф. д-р Мишко Џидров. Посебно задоволство беше и вклучувањето на Елисавета Нојковска, директорка за високо образование на Microsoft, која се придружи на едно од предавањата преку платформата Microsoft Teams.
Учесниците имаа можност да го посетат Центарот за електронско учење и да се запознаат со дигиталните алатки кои успешно се користат при УГД.
На конференцијата учествуваа над 40 учесници (студенти и професори) од Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитет „Св. Климент Охридски“ во Битола, Меѓународен славјански универзитет - Свети Николе, Универзитет Американ колеџ Скопје – УАКС, Универзитетот во Сараево – БиХ, Универзитетот во Крагуевац – Србија и Универзитетот во Валона „Исмаил Ќемали“ – Албанија.
Дополнително, на агендата беа предавања од Марија Василевска, експерт за обезбедување квалитет на високо образование, која низ дискусија со учесниците го дефинира терминот дигитализација и предавање од Еразмус + координаторот м-р Сања Максимова и претставник од НА, м-р Александар Богојевски.
Со цел успешно да се спроведе процесот на дигитализација, истиот треба да биде дефиниран како стратешка ориентација на институцијата, бидејќи само со таквата ориентација може да се придвижат конкретни активности кон квалитетно остварување на дигиталните цели. Еразмус + програмата дополнително ќе финансира и поддржува вакви проекти кои ќе им помогнат на високообразовните институции да ги имплементираат новите дигитални трендови и алатки.