Текстилните работници меѓу злоупотребата и борбата: синдикатот не функционира, институциите свесни ама глуви

Автор на следниот текст е Иле Матеничарски, 4 година, Медиумски студии и односи со јавноста, УГД - Штип, 2019 година. УГД лајф ги објавува текстовите како дел од реализацијата на праксата на студентите во медиумите во рамките на УГД.

Текстилните работници меѓу злоупотребата и борбата: синдикатот не функционира, институциите свесни ама глуви

Почитувањата на работничките права во стопанството е проблем што се провлекува низ годините наназад. Според одредени истражувања текстилниот сектор претставува една од најранливите гранки каде што постои најголема злоупотреба на овие права. Состојбата во текстилниот сектор генерално е лоша. Најчесто работниците се жалат на неисплатена прекувремена работа, работа на празник или во недела, а се јавуваат и случаи на мобинг, усни откази или пријавување на работа на пола работно време, а работат 8 часа. Работниците се незадоволни и од платата што  ја добиваат - најчесто во износ од законски предвидениот минималец, ама и од неажурноста на институциите кои се надлежни за контрола на спроведување на законот.   

Деновиве гневот порасна заради апсурдното, според работниците, барање на работодавачите кои сакаат седум и пол часовното работно време со плус 30 минути платена пауза да се замени со осум часа ефективно работно време плус 30 минути платена пауза. Најгласен е истокот од земјава – најтекстилниот регионот. Во овој дел од државата текстилот е примарна дејност, оти најголем дел од работното население е таму.  

Но, проблемите се исти секаде, а начини за решавање има, но работниците за жал не се запознаение доволно со истите. Единствена светла надеж барем за истокот од државата е Здружението на граѓани „Гласен текстилец“. Истото во изминатиов период е доста активно и преку разни правни инструменти им помага на текстилните работници во остварување на своите права. Сепак, од друга страна, синдикалното здружување кое треба да е репрезент за работниците е помалку познато за истите.

МН: „Немаме синдикат, а не си ги знаеме ни правата“.

„Во нашата текстилна фабрика не постои синдикално здружување, а ние работниците за жал доволно не си ги знаеме нашите права. Со тоа работодавецот е во предност и често знае да не изманипулира“, вели нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен поради страв да не ја изгуби работата.

Во друга, пак текстилна фабрика претставникот во синдикатот е лице блиско до директорот на фабриката.

„Во нашaта фабрика постои синдикат, но во него членува лице кое е блиско до раководните стуркутури на претпријатието. Со тоа гласот на работникот не допира на вистинско место и реалните проблеми остануваат наше секојдневие“, вели друг.

Работниците понекогаш, но сепак ретко, се осмелуваат да пријават злоупотреба на работодавецот. Најчесто тие пријави се анонимни, но тогаш се доведува во прашање нивниот ефект.  

„Лично јас не, но има луѓе кои го имаат контактирано Инспекторот за труд за да пријават злоупотреба. Најчесто тие пријави се анонимни и во писмена форма. Инспекција ја посетува нашата фирма дали поради пријавите или друга причина, но досега нема поголем  резултат од истите иако постои кршење на нашите права“, ни раскажува третиот соговорник.

МН: Ампева: Мобинг, усни откази, пријава на пола работно време... се секојдневие.

Сите инсистираат на анонимност бидејќи се плашат да не бидат откриени од работодавачите. Но, имаат доверба во „Гласен текстилец“, од каде што пријавите се испраќаат во соодветните институции. Дневно до ова Здружение стигнуваат и по неколку телефонски повици и пораки на социјалните мрежи за разни злоупотреби. Според  Кристина Ампева од „Гласен тексилец“ прекршување на работничките права има, но секако има и инструменти кои можат да ја спречат или намалат оваа појава.

„Има многу прекршувања на работничките и човековите права на вработените во овој сектор. Она што се повторува низ годините е неплатената и неевидентирана прекувремена работа, работа на празник или на ден на неделен одмор. Понатаму, мобингот е постојана појава, усни откази, пријавување на пола работно време иако работат по 8 часа дневно, а во мал број од фирмите имаме евидентирано враќање на дел од платата назад на работодавачот и плата во плик настрана од минималецот исплатен преку трансакциска сметка. Исто така, проблематично е што секој летен период кога работодавачите даваат користење на колективен годишен одмор, тоа е во износ од вкупно 5 работни дена, а решенијата кои им се даваат на работниците да ги потпишат се со лажни податоци дека искористиле 20 работни дена, согласно со ЗРО и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството“, ни објасни Ампева.

Од Здружението објаснуваат и дека работниците имаат голема недоверба кон Синдикатот.

„Единствен синдикат во текстилната индустрија е гранковиот при ССМ. Неформално, бројат некаде околу 13.000 членки, вработени во секторот за производство на облека, чевли и кожа. Најтрагично е што и таму каде што има синдикално организирани работници/чки, сепак има проблеми и имаме пријави и од таму. Затоа, недовербата кон синдикатот од страна на синдикално организираните и останатите работници кои ги знаат состојбите во фабриките каде што има синдикат се зголемува. Резултира со тоа што неорганизираните немаат доверба и не сакаат да плаќаат членарина за синдикат на хартија кој не функционира“, велат од „Гласен текстилец“.

МН: Солиден закон, ама со проблематични членови

Додаваат дека имаме солиден закон за работни односи и Општ колективен договор. Сепак, проблематични се некои членови кои не се прецизно дефинирани, па преку нив се манипулира од страна на работодавачите.

„Пример, во ОКД има одредба за исплата на К15, регрес за годишен одмор, вели работодавачот кај кого настанале тешкотии при работењето, може да исплати помал износ на регрес за годишен одмор од утврдениот. Утврдениот регрес секоја година е различен, но еве за календарската 2018 година беше отприлика 9.600 денари. Поради немањето на најмал износ за исплата на К15, имаше работодавачи кои исплатија износ од 100 денари. Во Закон пишува забранета дискриминација. Имаме случаи со бремени жени кои имаат договори на определено и работодавачот не им го продолжува откако ќе разбере дека е бремена работничката. Законот вели, во ред е, бидејќи е на договор на определено. Чуму тогаш заштита од дискриминација? Што е непродолжување  на договорот на бремена жена ако не дискриминација?“, коментираат од таму.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, стои на ставот дека почитување на работнички права мора да има, но сепак ситуацијата на терен е сосема различна.

„Станува збор за индустриска гранка во која проблемите се таложеле во текот на долг временски период. Од ниски примања, до прекршување на правата на работниците и непочитување на стандарди за заштита при работа. Актуелните мерки на кои работиме ја опфаќаат и оваа категорија работници и се надевам дека набрзо ќе се почувствуваат првите ефекти“, вели Царовска во едно од последните интервјуа за Дојче веле.

Почитувањето на правата на работниците е проблем кој не може да се реши од денес за утре. Потребна е системска реформа во сите сфери на оваа дејност, со цел во иднина да имаме вреднување на трудот на работниците во сите сектори. Разните можности што ги нуди ова време, лесниот пристап до информации што го нуди интернетот, пристап до синдикати, здруженија, инспекторати за труд треба да биде мотив повеќе и самите работници да се едуцираат за своите права и да се спротистават на неправдите кои им се нанесени.

Од друга страна, потребна е реформа во синдикатите со цел тие да бидат вистински репрезент на работниците за борба за работнички права. Задоволни работодавачи и работници од сите сфери на стопанството значи сигурна и економски стабилна држава во иднина.

Иле Матеничарски, 4 година, Медиумски студии и односи со јавноста, УГД – Штип, 2019 година.

Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…