Значењето на оризот во секојдневната исхрана на луѓето и начин на одгледување на ориз во океаните

Сашо Арсов, студент III година, Земјоделски факултет
Универзитет „Гоце Делчев“, Штип

Оризот е култура со која се исхранува 1/3 од светското население и се наоѓа во секојдневната исхрана на преку 3.5 милијарди луѓе во Азија.

Се очекува зголемување на населението за уште 2 милијарди луѓе до 2050 година а од друга страна ресурсите за добивање храна како есенцијална за човечкиот опстанок остануваат непроменети, па дури и намалени. Само 1% од вкупната површина на планетата е слатка вода, а околу 70% од нејзе се користи директно во земјоделието. Зголемениот број на светско население, намалените обработливи површини, недостатокот на слатка вода и климатските промени, водат кон иновативни и радикални пристапи кон одгледувањето на земјоделските култури.

Оризот е хидрофито растение чиј животен циклус е  целосно зависен од големи количини на вода. Конвенционалното производство на ориз во главно користи големи количини на вода кои не целосно се употребени директно од растенијата, туку голем дел од таа вода се губи преку процесите на перколација и евапотранспирација.

За производство на 1 kg  карго ориз според IRRI (International Rice Research Institute) потребно е од 500-1.000 L вода, а се употребуваат просечно 3.400 L.  Ова ни укажува на потребите од промена во начинот на култивација на културите,  со што би ја минимизирале употребата на вода но без да влијаеме на приносот.

Постојат и други начини на одгледување ориз со помала употреба на вода, како на пример: сеидба на суво, употреба на систем капка по капка, и сл. Но, двајца млади научници имале многу поразличен и радикален пристап кон оваа проблематика. Тие сакале да го одгледуваат оризот во океаните. Основале компанија „Agrisea”  која се занимавала со создавање на ориз кој е толерантен на високите концентрации на сол во морската вода, со што оризот би бил поставен на пловечки објекти на површината на океаните.

Оризот отсекогаш бил интересна култура за генетски манипулации и постигање одредени цели со самата негова широка распространетост и употреба. Најинтересен е примерот  за создавањето на ”Златниот ориз” сој е добиен со генетска модификација за да биосинтетизира бета-каротени, прекурсор за витамин A.  Пристапот на „Agrisea“ не се засновал на типична генетска манипулација и добивање GMO растение со внес на гени од тотално различен организам, туку едноставно сакале да ги зголемат веќе постоечките гени за толерантност кон сол со користење на „методи на поправање” (gene-editing tools).  Откриено е дека гените одговорни за метаболизмот на шеќерите се исто одговорни и за толерантноста кон сол.

Fructokinase - like protein (FNL2) претставува група на гени кои се одговорни за метаболизмот на шеќерите и одговорот на растението кон стрес од засолување. Тие  биле изложени на  мутагенеза, а потоа на екстремно засолување и некој од линиите покажале одлични резултати. Сето ова би можело да биде добиено и со стандардна долгогодишна селекциска програма, но со Crispr-cas се зголемува брзината за добивање. Изработени се и посебен вид платформи во вид на пчелино саќе на кои оризот го засадуваат ,а тие лесно се спојуваат една со друга во целина. Тоа претставува предност бидејќи лесно можат да бидат преместени од едно место на друго ако има несакани временски услови. Овие растенија се директно наменети за одгледување во океаните но може да бидат засадени на солени почви.

Океанските фарми како пилот проект ќе може да се видат до 2021 година во Јапонските заливи. Користа од овие фарми би била голема, бидејќи нема да има употреба на слатка вода, почва и ѓубрива. Исто тие може да делуваат како биоремедијатор во места со висока концентрација на алги и води со еутрофикација ,а и како филтер за хемиски материи од агроекоситемите кои преку реките завршуваат во морињата. Паралелно со истражувањата тие се соочуваат и со голема заинтересираност од многу земји кои сакаат да имаат ваков вид фарми.

Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…