Кога влегуваш во т.н. „факултетски живот“ некои работи се менуваат, некои работи те менуваат, а некои работи ги менуваш ти. Се соочуваш со сѐ и сешто. И со секого. А за да ги совладаш препреките треба да бидеш храбар и да ги прифатиш предизвиците. Запонаваш „големи“ луѓе, големи по душа и дела. Запознаваш имиња кои вечно ќе ги паметиш и споменуваш. Добиваш поддршка, мотивација, искреност, инспирација. Ја учиш теоријата, но многу повеќе ја почитуваш праксата (применетото, наученото). Даваш сѐ од себе и за себе, а и за другите. Па, добиваш за возврат, добиваш многу. Добиваш пријателства. Стекнуваш вештини. Формираш ставови. Рушиш бариери.
Се обидуваш да разбереш и сфаќаш многу. Сфаќаш колку е потребно за успех, мал додатен труд, внимание и љубов. Сфаќаш дека успехот е патување, а не цел. Па, правиш спомени. Многу сеќавања. И сетоа тоа ти се чини дека ќе трае засекогаш. Се обидуваш да го запреш времето и за миг да нацрташ слика од она убавото, она долговечното, а кратко патување во образованието. Посакуваш успореност. Посакуваш најголема смиреност. А зад аголот од времето што тече, се молиш за уште малку, за уште еден убав спомен, за уште една лекција, една приказна, едно предавање и еден збор, недоречен, а најгласен. Но, сѐ се случува толку брзо, како времето да заборавило да подзастане, како толку многу да брза за да нѐ стигне, како цвеќето да сака вечно да биде зелено и големо. Огромна брзина. Голем еднократен циклус. Сѐ се случува еднократно и неповратно. Како карта во еден правец. Еднонасочен лет, без враќање.
А сета убавина која била пред очи за миг станува спомен. И додека се обидуваш да го сфатиш брзото течение на времето, сфаќаш дека не смееш да пропуштиш ниту момент од животот. Затоа, одиш напред и одиш гордо и исправено. Понекогаш чекориш сам, понекогаш во придружба. Одиш толку далеку и толку смирено што она што е зад аголот иако не се гледа, сепак се чувствува. Одиш таму кај што си слободен, кај што животот одново започнува, онаму каде што те ценат, те сакаат и ти се восхитуваат. И повторно се враќаш каде што и припаѓаш. Образован си, тоа е една од најголемите карактеристики со кои ќе се закитиш и единствена работа која те ослободува од канџите на неслободата. Таму, зад она што го нарекуваш предивизик, припаѓаш ти, таму е твоето место, твоето место е врвот на најголемите височини.