„Моето животно патување, кое започна на бродот Универзитет ’Гоце Делчев’, пристигна на пристаништето во Осиек, Република Хрватска, на Медицинскиот универзитет ’Јосип Јурај Штросмаер’. Картата за ова патување беше токму програмата Еразмус плус. Карта која купува знаење, и карта која беше одговорна за дефинирање на мојата личност. Карта со можност за меѓународни искуства и спомени, можност да им се доближам на различните култури од Европа и да стекнам пријателства кои со сигурност ќе ми останат за цел живот.
На мојот избор за Еразмус плус семестар влијаеше начинот на настава на клиничките предмети во петта година на Медицинскиот универзитет во Осиек, споделени од позитивното искуство на мои колеги. Во приказната совршено се вклопи програмата на Универзитетот, а дополнителна мотивација ми беше и желбата разговорно да ги усовршам хрватскиот и англискиот јазик. Медицинскиот факултет во Осиек и Клиничкиот центар во склоп на Универзитетот се повеќе објекти опремени со соодветна дијагностичка и тераписка апаратура, како и многубројни операциони сали, во кои имав можност да асистирам во одделите за кардиохирургија, урологија и гинекологија. Работата на тимот кој го сочинуваа многу професори, лекари и асистенти беше посветена и на највисоко ниво, воедно и позитивна за соработка и несебично пренесување на долгогодишното искуство. Библиотеката, која исто така беше во склоп на Универзитетот, изобилуваше со многубројна стара југословенска, европска и светска литература, па сѐ до најнови публикации во најразлични медицински списанија.
Престојот таму најпрвин ми овозможи да се промовирам себеси, но исто така и македонската култура и традиција. Мојата лична сатисфакцијата што ја доживеав го оправдува секој поминат ден како дел од големото Еразмус семејство.
До секој студент упатувам топли препораки кон пристапување на ова патување“.