СОМА: Почитувана проф. Милошева, Вие отсекогаш сте ни биле синоним за поддршка на студентите. Инспирирани од Вашите предавања, објавените трудови и учества на светски познати конгреси и од Вашиот континуиран професионален развој во научни области од менталното здравје, Ве замолуваме за одговори на неколку прашања кои се поврзани со истражувањето за потребата од отворање на Центар за ментално здравје, кое го спроведовме меѓу студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.
Проф. д-р Ленче Милошева: Навистина ме радува кога во овие тешки времиња гледам ентузијазам, иницијативност и храброст во вашите постапки, посакувани особини на кои ве учев и зрелост со која пристапувате во подигнување на свеста за потребата од грижа за сопственото и менталното здравје на другите. Резултатите од вашето истражување, кое имаше поддршка и од мене од самиот старт, зборуваат сами по себе за потребата од Центар за ментално здравје во кој студентите ќе можат бесплатно да се обратат кај стручни лица за ментално здравје, за психолошки совет или помош. Оваа КОВИД-19 пандемија ни покажа на сите колку многу е важно да бидеш грижлив кон себе, но и кон другите. Негативните емоции како што се: тага, анксиозност, депресивност, осаменост, зачестено стресно реагирање, се сосема здрав одговор на она што се случува на цела планета, не само кај нас. Тагуваме за претходниот начин на живеење, за слободата на патување, движење, блиските контакти, за болните и по повод целата грдотија што ја носат пандемиите. Според истражувањата и податоците од светот покачен е бројот на суициди, анксиозни и депресивни растројства, како и зголемен број на разни други психички нерамнотежи и тешкотии. Исто така, истражувањата кои се спроведени на студентската популација во светот зборуваат за состојби на анксиозност, депресивност, стресно реагирање итн. По завршувањето на пандемијата се очекува нов бран на ментални болести и тешкотии. Ова се доволни аргументи фокусот на подготовка да биде и менталното здравје.
СОМА: Дали имате конкретен предлог како можете да ни помогнете во остварување на нашиот, всушност заеднички со Вас проект за отворање на Центар за ментално здравје на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип ?
Проф. д-р Ленче Милошева: Од 2017 година сум назначена за национално стручно лице за контакт на СЗО за менталното здравје и сум член на Националната комисија за заштита и превенција на менталното здравје при Министерството за здравство. Сакам да нагласам дека сите мои активности во рамки на оваа Национална комисија и местото како експерт на СЗО се волонтерски, односно работам без надомест, со единствен мотив за подобрување на менталното здравје на сите во Македонија. Учествував во изработката на Националната стратегија за ментално здравје, за 2018-2025 година, која е прикачена на веб-страницата на Министерство за здравство, а исто така го искоординирав и подготвив Националниот атлас за ментално здравје, кој ќе биде официјално објавен наскоро од СЗО. Мојот најголем придонес за студентите сметам дека е во мојот предлог токму во Штип, како студентски град да се отвори Центар за ментално здравје за деца и адолесценти, вклучително и доцна адолесценција и рана зрелост, односно студентска популација. Она што е важно е дека веќе оваа идеја е во официјален документ и во акциониот план на Националната стратегија за ментално здравје. Очекувам поддршка од Министерството за здравство, во соработка со раководниот тим на УГД и раководниот тим на Клиничка болница - Штип во конкретно реализирање на оваа идеја, во смисла на логистика, организација итн.
СОМА: Со оглед на ситуацијата со пандемијата, дали постои и некој друг вид на психолошка поддршка на студентите кој би се остварил побрзо?
Проф. д-р Ленче Милошева: Реално решение за кое размислувам подолго време, а базирано на многу прочитани научни студии и искуства, од колеги од странство е „дигиталното ментално здравје“.
„Дигиталното ментално здравје“ е поврзано со придобивки како што е подобрување на пристапот до сервисите кои нудат психолошка помош и третман, вклучувајќи самопомош онлајн и редуцирање на бариерите, како на пример стигмата. Се однесува, главно, на информации за менталното здравје, психоедукативни програми, психотерапевтски и консултативни интервенции кои се испорачуваат преку интернет преку веб сајтови и мобилни апликации. Значи, можеме умно да ги искористиме придобивките од дигиталната технологија за заштита на менталното здравје, психотерапевтски третман, психолошко советување, превенција од ментални болести.
Во контакт сум со моите колеги од Универзитет во Холандија и во САД, кои имаат вакви успешни искуства и навистина сум заинтересирана да ја реализираме оваа идеја за сите студенти на нашиот Универзитет. Моја процена е дека УГД, посебно Центарот за е-учење и ИТ центарот имаат експерти и капацитет да поддржат една ваква идеја. Секако дека има и професори од Факултетот за информатика за кои верувам дека би помогнале во конкретната реализација на идејата. Впрочем, нашиот Универзитет беше јавно пофален од компанијата Мајкрософт како лидер во нашата земја за успешното приспособување и постигнатите резултати во е-учење и користење на понудените апликации. Бидејќи реализирањето на оваа идеја е во интерес на сите студенти на Универзитетот, верувам дека ќе имаме поддршка и од раководниот тим на УГД.
СОМА: Ви благодариме проф. Милошева за понудената поддршка. На крајот од годината која заминува, што би посакале во Новата 2021 година?
Проф. д-р Ленче Милошева: Ви благодарам и вам. Никогаш не заборавајте дека Универзитетот „Гоце Делчев“ е ваш, на студентите, а ние професорите, асистентите и сите вработени сме тука за вас. Им посакувам здравје за сите, поголема приспособливост и толерантност, безусловно меѓусебно прифаќање, како и прифаќање на она што ни го носи животот и успешно носење со животните тешкотии, кои ги почувствувавме во оваа тешка година. Посакувам да имаме помирна, поспокојна и посреќна година во која ќе се погрижиме повеќе за себе и за другите. Посакувам, секако, и нови предизвици и нови професионални успеси.