Доц. Д-р. Јорданка Галева: Студентите да знаат дека секоја прочитана книга е искуство повеќе

ДОДЕКА СЕ ПОДГОТВУВАВ ЗА  ИНТЕРВЈУ- ПОРТРЕТ СО ДОЦЕНТ ДР.ЈОРДАНКА ГАЛЕВА , БЕВ ПРИЈАТНО ИЗНЕНАДЕН ОД НЕЈЗИНАТА БОГАТА БИОГРАФИЈА ВО ОДНОС НА НЕЈЗИНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗАВРШИЛА ВО ДРЖАВНО СРЕДНО-ПРАВНО УЧИЛИШТЕ ,, ВАСИЛ АНТЕВСКИ ДРЕН  “  ВО СКОПЈЕ.СО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ОД ПРВ,ВТОР И ТРЕТ СТЕПЕН СЕ СТЕКНАЛА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО БОЛОЊА  ИТАЛИЈА. ВО 2004 ГОДИНА ДИПЛОМИРАЛА НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ПОЛИТИЧКИ НАУКИ ,,РОБЕРТО РУФИЛИ “ ВО ФОРЛИ.  ИАКО СО ВЕЌЕ СТЕКНАТА МАГИСТЕРСКА ТИТУЛА СЕ ЗАПИШАЛА НА МАГИСТЕРСКИ СТУДИИ ПО ЕКОНОМИЈА НА ЕКОНОМСКИОТ ФАКУЛТЕТ ПРИ УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО БОЛОЊА. МАГИСТЕРСКИТЕ СТУДИИ ГИ ЗАВРШИЛА СО ПРОСЕК 8,91. ВО ДЕКЕМВРИ 2005 ГОДИНА, Д-Р ГАЛЕВА СЕ ЗАПИШАЛА НА МУЛТИДИСЦИПЛИНАРНИ ДОКТОРСКИ СТУДИИ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО БОЛОЊА ВО КОНЗОРЦИУМ СО УНИВЕРЗИТЕТОТ ОД ПИЗА. ДОКТОРСКИОТ ТРУД НА ТЕМА ,, ИМПАКТОТ НА ЕВРОПСКИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПРОГРАМИ ВРЗ РАЗВОЈОТ НА МУЛТИКУЛТУРАЛНОТО ОПШТЕСТВО И СОЦИЈАЛНИОТ СТАТУС НА НЕМНОЗИНСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА “, УСПЕШНО ГО ОДБРАНИЛА ПРЕД 10 ГОДИНИ.

ДОЦЕНТ ДР.ЈОРДАНКА ГАЛЕВА Е МОЈ ПРЕДМЕТЕН ПРОФЕСОР ПО МЕДИУМСКИ ЖАНРОВИ.

ТАА Е ВЕДРА, КОМУНИКАТИВНА,ТРУДОЉУБИВА И АМБИЦИОЗНА. ИМА ОДЛИЧЕН ПЕДАГОШКИ ПРИСТАП КОН СВОИТЕ СТУДЕНТИ И СЕ ОБИДУВА НЕСЕБИЧНО ДА ИМ ГО ПРЕНЕСЕ СВОЕТО ЗНАЕЊЕ И ИСКУСТВО.

МИ ПРИЧИНУВА ГОЛЕМА ЧЕСТ И ЗАДОВОЛСТВО , МЕНЕ КАКО СТУДЕНТ НА МЕДИУМСКИ СТУДИИ И ОДНОСИ СО ЈАВНОСТА ДА ПОДГОТВАМ ИНТЕРВЈУ СО ДОЦЕНТ ДР.ЈОРДАНКА ГАЛЕВА. СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЌЕ ГО ЗАДРЖАМ ВАШЕТО ВНИМАНИЕ.

НАЈПРВИН ПРОФЕСОРКЕ ГАЛЕВА КАКО ДОЈДОВТЕ НА ИДЕЈА ВАШЕТО ФАКУЛТЕТСКО ОБРАЗОВАНИЕ ДА ГО ЗАПОЧНЕТЕ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ НА БОЛОЊА ВО ИТАЛИЈА ?

Идејата за студирање во Италија дојде сосема случајно и неочекувано. Од кога се запишав на Правниот факултет во Скопје, отидов на заслужен одмор во Турција со моите другарки. Но пред да ги положам примените испити за на факултет (кои тогаш беа обавезни и не секој можеше да студира и да влезе на листата на запишани студенти), прочитав еден артикл во списанието „Студентски збор„ кој беше посветен на најстариот Универзитет во светот, Универзитетот во Болоња. На татко ми на шала му реков: „е тука сакам да да студирам“. И од тој коментар почна се. Додека бев во Турција на одмор, излегол конкурс преку Италијанската амбасада за студирање во Болоња и тој ги поднел моите документи. Кога во август се вратив од одмор, татко ми ми соопшти дека ме примиле на Болоњскиот универзитет и дека имам шанса да добијам и стипендија. Ми рече сама да одлучам што ќе правам, каде ќе студирам дали во Скопје или Болоња. Не беше лесно да се одлучам, затоа што тоа значеше дека на 18 години оставам се што имам, и одам каде ништо немам, ни пријатели, ни дом, ни омилени кафиќи, ни другарки, ништо, буквално ништо и згора на тоа не знаев ни еден збор на италијански. После 3 дена размислување, решив дека ќе одам, дека ваква шанса еднаш се добива во животот и дека треба да ја искористам. Од оваа гледна точка тоа е најдобриот животен избор кој го направив.

ДАЛИ ИМАВТЕ ПОДДРШКА ОД ВАШИТЕ РОДИТЕЛИ ?

Најголемата поддршка ја имав токму од моите родители како тогаш, така и сега, односно до ден денес, цел живот. Иако на далечина, нивната енергија ја чувствував секогаш, посебно во тешките моменти. Да напоменам дека зборуваме за период од пред 25 години, кога не постоеа ни мобилни, ни „гугл“, ни компјутери. Во првиот стан каде престојував немав ни фиксен телефон. Комуникацијата со најблиските се одвиваше преку писма кои патуваа по неколку недели и 2-3 минутен муабет од телефонска говорница кој чинеше 5.000 италијански лири (тогашни 5 германски марки). Покрај од родителите имав огромна подршка и од моите другарки, кои редовно ми пишуваа писма и кои со радост ме дочекуваа секогаш кога ќе си дојдев и ме испраќаа со силно гушкање кога си одев.

 

ДАЛИ ПОСТОИ СУШТИНСКА РАЗЛИКА ВО НАЧИНОТ НА СТУДИРАЊЕ ВО ИТАЛИЈА И ВО МАКЕДОНИЈА И АКО ПОСТОИ КОЈА Е РАЗЛИКАТА ?

Во времето кога студирав на додипломските студии, сеуште не постоеше „кредит трансфер систем„ на студирање, односно предметите не носеа кредити. Конкретно на факултетот на кој бев запишана јас: Политички науки, првите две години предметите беа исти за сите запишани студенти, а во трета година се избираше насока. Јас ја избрав насоката „меѓународна политика“ и тоа значеше дека во следните две години, односно трета и четврта година, можам сама да си ги избирам предметите. На тој начин студентот сам бира она што би сакал да го продлабочи во студиите. Јас на пример ги избрав предметите: Политичка Антропологија, Политичка Географија, Теории на политички развој, Историја и институции на Источна Европа. Споредувајќи се со моите пријатели од Македонија во тоа време, и со она што тие го студираа на факултетот во Скопје, предметите кој јас ги избрав, во македонските програми не постоеја.

Друга голема разлика во студирањето на додипломски студии беше одбрана на дипломска работа. Дипломската работа не само што претставуваше долгорочно истражување и пишување на дипломска теза која во просек требаше да биде повеќе од 150 страни (конкретно мојата мислам дека беше 160 или 180 страни), истата потребно е да ја одбраниш пред комисија од 6-7 професори и врз основа на пишаниот дел и презентацијата, односно одбраната, добиваш додатни поени кои се додаваат на просекот од студирањето.

Но и покрај тоа што веќе имав титула на магистер, сепак се одлучив да се запишам на магистерски студии, овој пат на Економскиот факултет. Овие студии не се разликуваат многу од оние кои се организираат според македонскиот образовен систем, освен во делот на стажирањето и одбраната. Моите магистерски студии вклучуваа 3 месечно стажирање во фирма која беше во областа на студиите. Покрај испитите и стажирањето носеше кредити и за да ги добијам морав да одработам 300 часа. Можам да кажам дека се она што го учев на факултет, со стажирањето видов како практично изгледа. Сметам дека комбинација учење и стажирање е совршен модел на студирање.

Во однос на докторските студии, исто така има разлика во запишувањето на докторски студии. Зборувам за системот кој се применуваше пред 15 години. За да се запишам на докторски студии полагав најпрвин писмен дел, а потоа и устен дел. Од 75 пријавени кандидати, примија само 15, меѓу кои и мене. Моите докторски студии беа мултидисциплинарни и имаа три насоки: антрополошко-социолошка насока, еконмско – земјоделска и политичко-историска. Јас ја избрав третата насока. Првата година секој студент мораше да посетува часови, конференции, летни школи и други активности. Втората година беше посветена на истражување, а третата година на пишување на тезата со дополнителна уште една година која можеше секој студент да ја запише доколку имаше потреба од дополнително време за подготовка.

ПОЧИТУВАНА Д-Р ГАЛЕВА, СО СТЕКНУВАЊЕ НА АКАДЕМСКИТЕ ТИТУЛИ, КОЛКУ  ВИЕ СЕ ПРОМЕНИВТЕ КАКО ЛИЧНОСТ ВО ОДНОС НА ДРУГИТЕ ЛУЃЕ ?

Стекнувањето на образование не може, а да не ве промени. Секоја прочитана книга не учи на нешто и ги отвара нашите видици. Имав огромна среќа да студирам на најстариот Универзитет во светот на Универзитетот во Болоња. Знаете ли што значи тоа во број на книги. Таму библиотеките се преполни со книги. Целиот ден го поминувавме во библиотека, и на пауза кога не учев листав книги на сите јазици, атласи, реченици, патував и учев и кога не учев. Академските титули се резултат на многу прочитани книги, учење и вложен труд во она што сум денес. За пример во просек за испит имавме по 1000 страни материјал, а последниот испит кој го дадов беше материјал од вкупно 15 книги. Дополнително она што ми овозможи Италија е да го научам перфектно италијанскиот јазик, чие познавање за мене е предност во многу работи. Денес слушам вести на италијански, гледам италијанска телевизија, се информирам преку Италија за било што во светот. Кога пишувам научни трудови најчесто консултирам италијански книги итн. Италијанскиот јазик ми најде и работа во италијанска фирма тука во Македонија. Третата предност од студирањето во Италија е што светот ми се отвори и ми се стави на дланка. Имав можност многу да патувам и тоа ме направи многу побогата и отворена кон сите култури во светот и нормално и во мојот однос кон луѓето.

ПРЕД 10 ГОДИНИ УСПЕШНО СТЕ ГО ОДБРАНИЛЕ ВАШИОТ ДОКТОРСКИ ТРУД КОЈ ШТО АСОЦИРА НА ЕДНАКВОСТ,ПРАВИЧНОСТ И ИНКЛУЗИВНОСТ НА НЕМНОЗИНСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА ВО СИТЕ СФЕРИ НА ЖИВЕЕЊЕ , ПА И ВО КУЛТУРАТА.

МЕ ИНТЕРЕСИРА КОЛКУ ГОЛЕМ БИЛ ИМПАКТОТ НА ЕВРОПСКИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПРОГРАМИ ВРЗ СОЦИЈАЛНИОТ СТАТУС НА НЕМНОЗИНСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ ВО  МАКЕДОНИЈА ПРЕД 10 ГОДИНИ И СЕГА?

Благодарам за ова интересно прашање. Темата која своевремено ја избрав за моето докторско истражување, беше актуелна тогаш и е актуелна и сега. Македонија следната година ќе наврши 30 години од своето конституирање како независна држава. Во 1991 година се конституираме како независна држава, а после десет години во 2001 се соочивме со вооружен конфликт. Истовремено во 2001 година Македонија беше првата земја од регионот (Балкан) кој го потпиша Договорот за Стабилизација и Асоцијација, во април истата година во сред конфликт отпочна примена на КАРДС програмите (кои произлегоа од горенаведениот договор), а во август се потпиша Охридскиот рамковен договор. Овие договори (односно политики и програми беа предмет на моето истражување за да видам колку допринеле во социјалниот статус на малцинствата во Македонија). Имав за истражување скоро 10 години од нивната примена и можам да кажам дека истите имаа позитивен импакт земајќи ги во предвид статистичките бројки кои се однесуваат на учеството и вклученоста на не мнозинските заедници во Македонија: вработување во државниот и јавниот сектор (преку таканареченото рамковно вработување), во образованието (се зголеми бројот на студенти со високо образование- конкретно од припадниците на албанската не мнозинска заедница кои имаат можност да студираат на својот јазик), во политичкото одлучување (преку бадентеровото правило на гласање) и се зајакна чувството на рамноправност преку правото на користење на свои знамиња, славење на празници кои се државни или национални итн. Во однос на тогаш, 2010 година и сега во 2020 година, земајќи во предвид дека Охридскиот Рамковен договор сеуште се спроведува во некои сегменти, изгледа како Договорот  да се искористува за секое ново барање  од страна на припадниците на албанската заедница. Моментално е сеуште актуелен проблемот со распоредување на „рамковните вработувања“, модел кој се покажа како не ефикасен. Во ниедна држава не се вработува по етничка линија и занемарувањето на професионалниот капацитет и вработување по етничка линија создава слаб кадар и носи лоши резултати. Во оваа насока, конкретно за овој сегмент се увидува дека ваквата политика можеби има позитивно влијание на статусот на поединецот во смисла на тоа дека е вработен, зема плата,  здравствено и пензиско е осигурен, но од општествена гледна точка: истиот тој не оди на работа, не придонесува до развојот на државата, нема работни обврски и го преоптоварува буџетот. Но да се навратам конкретно на прашањето: одговорот е дека истражувањата покажуваат дека социјалниот статус е подобрен и политиките имаа позитивен придонес во истиот.

КОЛКУ ВЕ ИСПОЛНУВА РАБОТАТА СО СТУДЕНТИТЕ ?

Има една поговорка „Доколку го сакаш она што го работиш, тогаш тоа никогаш нема да биде работа“, или со други зборови, „Избери работа која сакаш да ја работиш, и нема да работиш ниту еден ден во животот“. Што сака да каже поговорката, дека кога некој си ја сака работата, никогаш нема да му биде тешко да работи и не ја гледа како работна обврска туку како задоволство. Имам среќа да го потврдам она што го кажува поговорката. Работата со студентите не само што не ја чувствувам како обврска, туку ме исполнува и ме прави среќна.

Според мене секој професор во работата со студентите пред се треба да поаѓа од педагошкиот принцип. Да пренесеш знаење на некој, во случајов на студентите е чест, да им го задржиш вниманието е способност, да ги научиш студентите е успех, а добрите резултати се радост и за двете страни.

КОЈА Е ВАШАТА ПОРАКА ЗА ИДНИТЕ АКАДЕМСКИ ГРАЃАНИ ?

Да бидат гладни за книги, наука и патувања. Да читаат книги и да учат странски јазици, затоа што тоа им ги отвара можностите да се информираат од повеќе извори и да направат споредба. Една прочитана книга е едно искуство повеќе. Секое ново патување е запознавање со различното. А комбинација на книга со патување не може а да не биде незаборавно доживување.

БОЖИДАР ДОНЕВСКИ

УГД  ШТИП

ПРАВЕН ФАКУЛТЕТ

/МЕДИУМСКИ СТУДИИ И ОДНОСИ СО ЈАВНОСТА /

Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…