Музикотерапија – употреба на музиката како терапија

Мене, како студент на Правен факултет - медиумски студии и односи со јавноста, ми претставува голема чест и задоволство што мојот предметен професор по музика и уметност, проф. д-р Tомислав Tаневски од  Mузичката академија при УГД, прифати да биде мој соговорник на тема музикотерапија.

Во  Европа музикотерапија се изучува на повисоко универзитетско ниво со добивање на звање дипломиран музикотерапевт. За жал, кај нас таква професија сѐ уште нема.

Во продолжение проследете го целото интервју со проф. Таневски.

  • Почитуван професоре, кога одлучивте да се занимавате со употреба на музиката во немузички цели, односно со музикотерапија?

Психологијата на музиката, односно музикотерапијата како наука ме привлекуваше уште од млада возраст, поконкретно за време на моето студирање на Педагошката академија – музички оддел во Скопје,  од крајот на 70-тите години. За време на моето студирање посебна мотивација ми даваше проф. д-р Кирил Македонски, композитор кој во тоа време беше единствениот во тогашната СФРЈ кој ја истражуваше психологијата на музиката, односно музикотерапијата и беше единствениот музикотерапевт на овие простори во тоа време. Повеќе од 5 години работевме заедно во истражувањата, секако јас како негов студент. По неговата смрт во 1984 година јас продолжив сам онолку колку што можев во тоа време.

  • Што е музикотерапија?

Изразот музикотерапија како кованица од зборот музика и терапија означува користење на музичка интервенција за остварување на индивидуални цели во функција на олеснување на настанати промени од не музичка природа. Терапија, од грчки terapia, подразбира третман или низа на постапки со кои се третира еден проблем и истите влијаат на подобрување на проблемот.

Тоа се разликува од поимот лекување кое подразбира постапки за решавање на проблем и враќање на личноста во состојба пред јавување на проблемот. Музикотерапија е систематски процес на „целни, организирани, методолошки, научно базирани и регулирани музички активности“. Сите оние што ја применуваат музикотерапијата се обидуваат да дадат своја дефиниција за тоа што е музикотерапија.

  • Кој ја спроведува музикотерапијата?

Музикотерапијата ја спроведува професионален музикотерапевт кој вообичаено составува мултидисциплинарен тим од психолог, лекар, дефектолог и заедно со нив ја дизајнира музикотерапевтската работилница и сеанса за секој клиент поединечно. Работата на музикотерапевтот вклучува подготовка, имплементација и евалуација на музикотерапевтски програми за индивидуална или групна работа. Музикотерапевтот го започнува процесот со анализирање на персоналните досиеја изготвени од претходните контакти на останатите стручни лица од мултидисциплинарниот тим и доколку е можно и самиот разговара со индивидуите за одредени проблеми кои ќе бидат третирани. Откако ќе ги анализира досиејата може да донесе процена врз основа на сите информации како личноста ќе одговара на музиката и пообјективно да ја анализира. Музикотерапевтот исто така го анализира и однесувањето на клиентот со останатите личности во неговата околина. Врз основа на сето ова музикотерапевтот ги формулира целите на музико-терапевтската работилница.

  • На кои главни претпоставки се темели?

Музикотерапевтот треба да ѝ дозволи на сопствената импресија, како и осет, да го води клиентот низ третманот и така да процени што е соодветно и прифатливо за него – почнувајќи од изборот на музика, па сѐ до употребата и комбинацијата на методите и комплементарните креативни методологии. Најважната цел е да се комуницира со клиентот таков каков што е. Што и како ќе свири музикотерапевтот ќе биде експресија на впечатокот и така ќе започне струењето на искуствата.

Не може да се предвиди одговорот на клиентот сѐ додека музикотерапевтот не започне со музичка комуникација, која понатаму ќе ја модифицира и развива низ одговорите на клиентот. Само така ќе може да се процени и евалуира афектираноста на клиентот од музиката, дали однесувањето на клиентот го менува правецот или пак нема афектираност, а според тоа е потребно менување на музичката активност.

Често пати клиентот не е расположен за соработка, затоа и всушност посетува музикотерапевтски работилници, па музикотерапевтот треба да креира музичко-емоционално опкружување преку кое ќе почне меѓусебната интеракција. Иако претходно музикотерапевтот има донесено процена за клиентот врз основа на соработката со останатите членови од мултидисциплинарниот тим, многу е важен впечатокот на клиентот врз музикотерапевтот на секоја средба.

  • Кои методи се користат во музикотерапијата и кога се применуваат?

Музикотерапијата се реализира (спроведува) низ две форми: пасивна музикотерапија и активна музикотерапија. Пасивната музикотерапија го користи GIM (Guided Imagery Music), во превод ВЛМ (водечки лик и музика) методот. Активната музикотерапија ги користи методите: Нордоф-Робинс (Nordoff&Robbins), КОС (COS) и методот на пеење и дискусија. Која од овие методи ќе се користи зависи од проблемот што се третира, односно зависи од тоа дали се работи за личност со ментално нарушување, личност со нарушувања во развојот (когнитивен или моторен) или пак личност со одредени проблеми во однесувањето, проблеми во учењето и слично.

  • Кои се придобивките од музикотерапијата?

Активното ангажирање со уметнички искуства претставува противтежа на анестетското, световното и секојдневното. Живот без уметност е живот лишен од чувствување, базиран само на она што го доживуваме како реален контакт. Тоа е живот лишен од внатрешност, од сѐ она што значи да се биде хуман.

Музиката како хумано однесување и извор на задоволство при нејзиното користење како музикотерапија дозволува и обезбедува постигнување на широка палета немузички цели чија реализација доведува до одредени ефекти. А тоа се:  подобрена слуховна перцепција; подобрена моторика; ориентација во простор кај личности со оштетен вид.; подобрување на сликата за себе; зголемена телесна свесност; намалување на говорните пречки; создавање комуникациски вештини; намалување на неприспособливоста; зголемени интеракции со врсниците и другите луѓе; зголемено емоционално изразување и приспособливост; јакнење на емпатија; намалување на непријатните чувства преку нивна експресија и ослободување; создавање на прифатливо однесување; создавање независност; социјална, образовна и културна интеграција; децата подобро се приспособуваат во и кон средината; зголемена способност за приспособување кон нови ситуации и нови услови  (новогодишни забави, изложби, хепенинзи и сл.); релаксираност и опуштеност за време на третманите; ослободување од вишокот на енергија; експресија на негативните чувства; желба за доминирање во групата и покажување на сопствените вредности; топла комуникација со членови на тимот, посебно со музикотерапевтот; чувство на задоволство и забава при изведување на музичките активности.

  • Пандемијата ковид-19 доведе до нарушување на секојдневието што секако предизвика страв и анксиозност кај луѓето, како посттрауматски синдром. Дали  музикотерапијата може да помогне во оваа состојба?

Да, музикотерапијата ја наоѓа својата примена и во оваа состојба, но мора да напомнам дека користењето на музиката во немузички цели може да појави и негативности доколку не се консултирате со професионален музикотерапевт. Моментално работиме за формирање на посебен начин за самотестирање и користење на соодветни инсeрти на одреден жанр на музика која може да помогне посебно кај заболените од корона. Истражувањето оди многу тешко бидејќи треба да се има контакт со заболени лица, а верувајте тоа никој не го сака. Затоа користиме стручна литература од поразвиените земји каде се применува музикотерапијата и ја приспособуваме за наши услови кои за жал мора да напомнам дека се тотално непознати и загрижувачко научно лоши. Се надевам дека со моите колеги наскоро ќе најдеме соодветен модел.

  • Кога го формиравте Центарот за детско уметничко изразување, музикотерапија и психофизичка релаксација ,,Џунџуле“ и како ги спроведувате активностите?

Мојата поединечна работа од поединци беше оквалификувана како некој вид на шарлатанство, а не наука. Во тоа време немаше компјутери, развиена интернет мрежа за да може секој да побара одредена информација за науката воопшто, а посебно за музикотерапијата. Јас се снаоѓав со добивање на различни материјали и книги од пријатели кои работеа во странство, но и моето постојано настапување низ светот со фолклорниот ансамбл на Пионерскиот дом „Карпош“ во Скопје, каде и до денес сум постојано вработен. Каде и да одев редовно ги посетував книжарниците и барав материјал што ми помогна околу мојата додатна наобразба за оваа проблематика. Тој период беше тежок, но подоцна во 2001 година најдов истомисленици и решивме да го формирам Центарот за детско уметничко изразување, музикотерапија и психофизичка релаксација „Џунџуле“ во Скопје. Со формирањето веднаш побаравме соодветни простории каде можевме да ги реализираме нашите советодавни активности. Прв кој ни помогна во тоа беше Општина Центар и градоначалничката г-ѓа Виолета Аларова. Музикотерапевтските активности ги работевме во основните училишта каде што имаше деца со посебни потреби и специјалното основно училиште „Д-р Златан Сремец“.

  • Европски ден на музикотерапија е 15 ноември. Дали на овој ден се организираат настани во Македонија за да се истакне дека со музикотерапија може благопријатно да се делува на здравјето на луѓето?

Не, бидејќи нема средства. Како што објаснив претходно, ниту Детскиот центар „Џунџуле“ има можности, ниту јас како поединец. Го одбележуваме денот со објавување на документарниот филм кој е направен со помош на МИМ на нашите ФБ страници како потсетување за поранешните активности.

БОЖИДАР  ДОНЕВСКИ

БР.НА ИНДЕКС  072547

ПРАВЕН ФАКУЛТЕТ

/   МЕДИУМСКИ  СТУДИИ   И  ОДНОСИ  СО  ЈАВНОСТА /

УГД  ШТИП

Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…