Така студентот Васил Костадиновски од Земјоделски факултет помина еден семестар во градот Милано во Италија на DiSAA (Dipartimento di Scienze Agrarie e Alimentari). Неговото искуство го споделуваме во целост.
„Еразмус плус беше и сѐ уште е важен за мене, бидејќи имав желба откако се запишав на факултетот. Имав голема желба да проучувам и да разменувам искуства во странство за да го доживеам искуството што го нуди таа земја. Само што почнав со факултетот се распрашував за можностите за студиски престој, кои се партнерските универзитети со кои нашиот факултет има склучено договори.
Кога го завршив мојот прв Еразмус плус го имав најдоброто искуство од кое пораснав во секоја смисла. Еразмус плус го промени мојот живот и мене за 360°.
Размислувајќи за втор Еразмус се одлучив таа шанса да ја искористам за пракса во Лабораторијата DiSAA која беше во склоп со Земјоделскиот факултет на Универзитетот во Милано. Одделот е опремен со најсовремената опрема за истражување и за испитување на сите потреби – фитоплазми, вируси, бактерии и други лабораториски испитувања. Да бидам дел од Одделот на DiSAA – врвни професори, научници кои ми помагаа и во истражувањето на мојот дипломски труд беше најдоброто искуство кое го научив и го продлабочив моето знаење од најдобрите професори кои ми беа ментори и ми помогнаа да се изградам како академска личност во мојот Еразмус период.
Запознавањето со студенти од различни држави и нации е најубавото другарство кое можете да го стекнете во вашиот живот на Еразмус.
Еразмус плус за време на размената, но и потоа, ви влева голема самодоверба и желба за понатамошни истражувања и проучувања подлабоко во полето на науката. Тоа ќе ви помогне подобро да се запознаете себеси. Се соочуваме со предизвици со кои никогаш порано не сме се соочувале. Се гледате себеси преку различностите и сличностите во другите култури. Тоа ви помага да ги зголемите квалитетите што ги бараат работодавците, зборувајќи повеќе јазици, поголемо искуство и со повеќе знаење. Мојот живот по Еразмус беше толку богат, од што станав повеќе независен и го зголемив владеењето на странски јазик.
Со Еразмус сте подготвени за нов и независен живот, каде што можете да направите сѐ што сакате, но сега со повеќе искуство и како нова личност.
За да почувствувате и да бидете ЕРАЗМУС студент бидете дел од УГД и Земјоделскиот факултет, тим на професори кои максимално вложуваат во вашата едукација и од кои добивате вистински насоки и препораки за студирање и вработување“.