Приказ на предметите според таг: УГД Живот
(Видео) 14 години Универзитет „Гоце Делчев“
Универзитетот „Гоце Делчев“ денес одбележува 14 години од своето основање. Со оглед на актуелната состојба, УГД ќе има неколку настани кои се во рамките на почитување на сите протоколи. Најголем дел од настаните по повод патрониот празник се однесуваат на спортските активности кои веќе се во тек и на активности поврзани со Музичката академија и Катедрата за танц кои изработија видеоразгледница за сите студенти.
Во рамките на своето обраќање ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ проф. д-р Блажо Боев истакна дека оваа година е година на големи предизвици за високото образование и за човештвото воопшто.
„Годинава ќе кажам сите да останеме на број и сите во ист број да го прославиме јубилејниот патронат догодина. Навистина тоа ми е единствената желба во ова време на тешка пандемија од која ќе излеземе само со помош на науката“, истакна ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Проректорите на Универзитетот во своите обраќања овие изминати 14 години ги оценија како доста продуктивни и корисни за високото образование воопшто.
„УГД направи значајно поместување во науката и образованието воопшто, а со отворање на нови научноистражувачки лаборатории сигурно дека тој исчекор ќе биде уште поголем“, истакна проректорот за развој, инвестиции и одржување, проф. д-р Дејан Мираковски.
Годинава, иако исклучително специфична за високото образование, УГД успеа многу бргу да се адаптира на промените и да понуди најсоодветен модел на образование во време на пандемија.
„Ние успеваме да се адаптираме и многу бргу да започнеме со настава и покрај пандемијата, верувам дека во годините што следуваат состојбата ќе се нормализира, а ние ќе излеземе покомпактен универзитет со поголеми можности за нашите студенти“, рече проректорот за настава и студенти, проф. д-р Мишко Џидров.
УГД почитувајќи ги сите протоколи за да се минимизира заразата од ковид 19 ги организира и планира сите свои активности, во овој контекст во периодот кој следува отворените денови ќе се одржуваат преку интернет, а еден иновативен и креативен начин студентите ќе можат виртуелно да го посетат УГД и да ги добијат сите одговори. Регистрацијата за тој настан е на следниов линк: << Линк >>.
Обраќање на Проф д-р Блажо Боев, ректор на УГД, по повод патронатот
Мојата убеденост дека периодот на постоењето на УГД-Штип е многу краток за извлекување релевантни заклучоци за неговата успешност или не, ја потпрев на моите впечатоци од посетата на еден од најстарите универзитети во Европа и во светот, Универзитетот во Саламанка во Шпанија, кој постои веќе 800 години и во чии простории без сомнеж можете да ја почувствувате енергијата на едно минато време кое во многу области во науката во Европа го детерминирало развојот на образовната култура и развојот на општествата во целина.
Организација на студирањето во време на пандемија
Може да се истакне дека беше тешка и ситуацијата со првичното прифаќање на онлајн-наставата од страна на студентите. Додека на повеќето универзитети имаше реакција, нашите студенти ги ислушаа плановите и залагањата на Универзитетот, ги прифатија и тие предизвикот и на крајот можам да кажам дека не погрешија. Наставата продолжи и тие во ниеден момент не беа оштетени.
Предизвиците сè уште се тука, но ние сме поискусни за една успешна година. Сите овие промени придонесоа и за редефинирање на целото наше работење во високото образование кое ќе биде исто така тешко да се одржува и да се поттикнува во наредните години. Оваа нова димензија на работење бара постојано инвестирање во нови ИТ-опрема за да можеме да се водиме со новонастанатите промени.
Ова поместување, ова приспособување не е само за академискиот кадар, туку и за студентите, кои мора да се соочат порано со новата реалност и потребите од ИТ-знаења. Ова редефинирање на важноста на модерните интернет-технологии во наставата ќе придонесе за развој на нови вештини кај студентите кои ќе бидат потребни во иднината. Сето ова ќе им овозможи полесно да се вклопат во модерните глобални текови и да се соочат со граѓански и економски предизвици што ќе се појават пред нив.
Денес нашиот високообразовен систем е исправен пред еден огромен предизвик кој се нарекува миграции на младите, како генерациски одговор на многу промашувања на нас и нашите генерации кои недоволно добро се снајдовме во големите глобални размислувања на развојот на глобалните општества, а секако во целина и на развојот на целата планета Земја.
Миграциите се многу важно прашање за кое треба да се проговори, и тоа како на миграциите кон главниот град Скопје така и на миграциите во други земји. Ако се погледнат податоците од миграциите во текот на 80-тите години од минатиот век, се доаѓа до заклучок дела денес најголемата миграција се случува во делот на најобразованите и тоа претставува огромно зголемување. Значи имаме селективен одлив на млади кои би требало да бидат основата на динамичниот развој на нашето општество и на изградбата на подобар живот за граѓаните, како и за изградбата на модерно македонско општество врз темелите на традиционалните наши вредности и современите европски вредности. Што е тоа што доведе до овие општествени појави кои многу ќе ја предодредат иднината на нашите универзитети во рамките на процесите на глобализација од кои понекогаш имаме и страв.
Првото се однесува на односот помеѓу мисијата на универзитетот и неговите задачи како истражувачки епоним, односно, односот помеѓу универзитетот како центар на теоретските науки кои се развиваат спрема сопствените иманентни начела на универзитетот и универзитетот како збир на професионални школи, ова е нешто што ние и денеска го имаме.
Друго прашање што треба да се постави е: Во која е мера е пожелно универзитетот да дејствува во името на таканаречените општествени потреби, дури со непосредно влијание на владата или на одредени индустриски корпорации.
Тука се поставува основната дилема - дали на секој на универзитетот му е дозволено да изучува и истражува тоа што сака, ама се поставува и прашањето поради што даночниот обврзник треба да го плаќа тоа? Меѓутоа, тука доаѓаме до суштината на постоењето на универзитетот, ако концептот на утилитарноста победи, тоа сигурно би значело и крај на универзитетот онаков каков што досега го знаеме, а во голема мера и би довело и до поголем цивилизациски дисконтиниум, воопшто.
Новиот економски концепт го нагласува знаењето како неопходност и дека едукацијата на студентите треба да биде насочена кон стекнување вештини за „глобално работно место“, вклучувајќи го работното место каде било во светот. Тоа значи дека мора да бидат образовани и спремни за континуирана адаптација на светот на работа во која технолошките иновации се секојдневие. Да се спремаат за работно место на кое одговорностите константно се менуваат.
Светот денеска е сè поблиску до тоа да го развие концептот на современ систем на високо образование, или воопшто образование. Постојат многубројни истражувања во оваа насока, но најголемиот дел од нив се однесуваат на тоа дека системот на образование треба да се засновува на разбирањето на науката и на нејзините сознанија и дека треба да се стави фокус на начинот како да се дојде до донесување заклучок и одлучување.
Во остварувањето на оваа своја примарна мисија на Универзитетот му е потребен систем на образование кој претставува менторски поддржан дијалог во форма на креативна работилница на наставниот персонал кој е ангажиран на Универзитетот, кој поседува и кој во тој процес ги вложува и сопствените научни и педагошки компетенции, како и искуствата од праксата. Образованието на студентите се одвива со примена на современи стандарди во системот на оценувањето, организацијата на студиите, дидактичките методи и со наставни планови и програми кои се засновани на најдобрите искуства и традиции на европските универзитети, како и со реформските принципи кои се иницирани на европскиот систем на високо образование.
Во студиските програми на Универзитетот е дефиниран оптимален број на задолжителни предмети, а на студентите им е овозможена слободата и иницијативата самостојно да ги одберат изборните предмети, а со рамката на универзитетските изборни предмети да ја дефинираат и мултидисциплинарноста на своите образовни програми кои во крајна мера треба да ги индивидуализираат и дизајнираат по своите способности.
Студиските програми на Универзитетот се насочени кон стекнувања знаења со кои студентите ќе се квалификуваат за работи кои се дел од високотехнолошкото опкружување за кое се бара разбирање на процеси и изградени способности за управување со системи кои поседуваат „мета“ интелигениција, но исто така и иницијативност, претприемнички способности, способности за психолошка евалуација на соработниците, работа во работни групи и тимови, способност за донесување одлуки во недостиг на време, способност за понатамошно доживотно образование, способност за одбирање на релевантните информации во околина од огромен број информации и информациско загадување, способност за истовремено процесирање повеќе работи и способност за креативна интеграција на знаењето со праксата.
За потребите на образованието и научноистражувачката работа се ангажирани кадри кои имаат научен дигнитет, чиј коефициент на компетитивност кореспондира со нивното знаење, способноста и спремноста да ги прифатат ризикот и одговорноста за својот живот и за обновата на својата локална и глобална заедница трансформирајќи ја во општество на знаење и општество на учење.
Определбата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип треба да биде да развива мултидисциплинарни програми кои се наоѓаат на граничните делови на етаблираните студиски дисциплини, програми кои имаат најголем потенцијал за иднината, да имплементира современи педагошки технологии кои се засновани на интерактивна настава, современи педагошки работилници со виртуелна наставна околина, како и примена на информациско-комуникациски технологии за образование на далечина.
Универзитетот во својата пракса ќе ги применува и принципите на доживотното учење во остварувањето на основното човечко право, право на учење и образование, промовирајќи ја европската транспарентност на студиите, мобилноста на студентите и професорите во високото образование, системот на осигурување квалитет и управување, контролата и евалуацијата на квалитетот, образование кое е насочено кон студентот, јавност, транспарентност, образовен процес кој е димензиониран во вид на повеќестепена спирала во која акумулацијата на бодови за сите облици на работа на студентите е услов за нивна вертикална проодност, индивидуализирани кредибилни студии дизајнирани според интелектуалната и психолошката мерка на студентите, како и севкупен развој на истражувачките и работните функции на Универзитетот како инкубациски и кариерен развоен центар.
Преземено од Fakulteti.mk.
Вебинар - Ковид, менталното здравје и „lockdown” стории: како да си помогнеме?
Како резултат на КОВИД-19 целиот свет го погоди социо-економска и психолошка криза. Во поголем дел од светот социјалните активности се ограничени, скоро секаде и движењето на луѓето беше ограничено, а болниците примија одеднаш илјадници пациенти.
Поради ова се појавија многу психолошки проблеми и последици по менталното здравје, вклучувајќи стрес, анксиозност, депресија, фрустрација и неизвесност. Психолошките реакции поврзани со мерките, како полициски час или карантин, се „страв“ и „колективна вознемиреност“. Овие реакции се очекуваат во време на епидемија, а се зголемуваат со зголемување на бројот на новозаболени.
Психолошките реакции на пандемијата може да варираат од „панично однесување“ или „колективна хистерија“ до „чувство на безнадежност“ и „очај“. Исто така многу е важно што другите здравствени мерки може да бидат компромитирани од зголемената вознемиреност кај луѓето. Овие работи треба што побргу да бидат идентификувани и да се дискутира за нив.
Токму заради овие причини, Факултетот за туризам и бизнис логистика е домаќин на вебинар кој ќе се одржи на 19 март 2021 г. од 17 до 18 часот, каде што ќе се анализира влијанието на КОВИД-19 врз менталното здравје кај општата популација со препораки и совети како да си помогнеме.
Модератор: Тони Михаилов
Отворање на настанот: Проф. д-р Мишко Џидров, проректор за настава и студенти, Универзитет „Гоце Делчев” – Штип
Учесници:
Проф. д-р Александра Жежова
- „Влијанието на медиумите и дезинформациите во време на КОВИД 19: менталното здравје и општествените девијации”
Проф. д-р Мирослав Пендароски
- „Ние ли сме тоа?! – психосоцијалните феномени на долготрајното себеотуѓување”
Проф. д-р Елеонора Серафимовска
- „Психолошките аспекти на пораките пренесени преку интерактивните медиуми за време на пандемијата“
Сите заинтересирани можат да го проследат на линкот во продолжение: (Линк).
Еден пораз и една победа за одбојкарските екипи на УГД
Овој викенд се одиграа натпреварите од првата државна лига во одбојка. Женската екипа на УГД на домашен терен играше возбудлив и драматичен меч и на крајот во петтиот сет го загуби натпреварот против екипата на ОК „Фит фан“ од Скопје. Натпреварот заврши со резултат од 2 : 3 во сетови, во корист на скопската екипа.
Машките одбојкари гостуваа во Скопје на екипата на ОК „Јанта волеј“. Во подеднакво тежок натпревар мажите на УГД успеаја да извојуваат победа со 3 : 2. Ова е втора победа на машката екипа, кои претходното коло ја победија екипата на О.К „Весна“ од Пробиштип исто така со 3 : 2.
Во следното коло и машката и женската екипа ќе играат на домашен терен во Спортската сала „Јордан Мијалков“. Жените ќе играат против екипата на „Јанта волеј“ од Скопје, додека пак мажите против екипата на „Шкендија“ од Тетово. Двата натпревари е предвидено да одиграат во сабота (13.3.2021 г.).
УГД рангиран на втората позиција од македонските универзитети на Вебометрикс и Униранк
Универзитетот „Гоце Делчев“ ја задржува втората позиција во Северна Македонија на речиси сите ранг-листи. Двете големи организации кои се релевантни во областа на рангирање на универзитети се Вебометрикс и Униранк.
Овие институции вршат годишни рангирања преку кои анализираат неколку параметри на универзитетите. Параметрите се анализираат генерално преку веб присутноста на универзитетите со нивните капацитети.
Рангирањето, кое е објавено на нивната веб-страница, се прави по неколку основи и тоа присутност на интернет (големина на веб простор, зафатеност на веб од страна на институцијата и слично), влијание (надворешни мрежи и контакти, колку други институции ја поврзуваат институцијата во нивни линкови и контакти), отвореност (број на цитати од топ автори) и научност (број на научни трудови во топ 10% цитирани автори од 26 научни дисциплини).
На глобално ниво УГД се наоѓа на 3462. позиција, а во Северна Македонија прв на оваа листа е најстариот универзитет во државата Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Според Вебометрикс рангирањето е на следниов начин:
- Универзитет „Св. Кирил и Методиј” - Скопје
- Универзитет „Гоце Делчев” - Штип
- Универзитет на Југоисточна Европа
- Државен универзитет во Тетово
- Универзитет „Св. Климент Охридски” - Битола
- Меѓународен балкански универзитет
- Американски универзитет на Европа - ФОН
- Универзитет американ колеџ
- Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид
- Меѓународен славјански универзитет (МСУ) „Гаврило Романович Державин“
- Универзитет „Мајка Тереза“
- Универзитет за туризам и менаџмент - Скопје
- Меѓународен универзитет - Струга
- Висока школа за новинарство и за односи со јавноста
- Евро колеџ Куманово
- Бизнис академија „Смилевски“ - Скопје
- МИТ Универзитет
- Меѓународен универзитет „Визион“ - Гостивар
- Интегриран бизнис факултет (НЕОКОМ) - Скопје
- Воена академија „Генерал Михајло Апостолски“
- Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА - Скопје
- Европски универзитет на Северна Македонија.
Покрај рангирањето на Вебометрикс, слични позиции на македонските универзитети има и Униранк, каде што се рангирани 15 универзитети од Северна Македонија. И на ова рангирање УГД се наоѓа на втората позиција во Северна Македонија.
Рангирањата се слични речиси на сите истражувања за квалитет на високото образование кои се прават од различни институции во светот. Слични резултати покажа и истражувањето на најреномираниот универзитет во областа на универзитетското рангирање, Универзитетот во Шангај.