Универзитетот „Гоце Делчев“ денес одбележува 14 години од своето основање. Со оглед на актуелната состојба, УГД ќе има неколку настани кои се во рамките на почитување на сите протоколи. Најголем дел од настаните по повод патрониот празник се однесуваат на спортските активности кои веќе се во тек и на активности поврзани со Музичката академија и Катедрата за танц кои изработија видеоразгледница за сите студенти.
Во рамките на своето обраќање ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ проф. д-р Блажо Боев истакна дека оваа година е година на големи предизвици за високото образование и за човештвото воопшто.
„Годинава ќе кажам сите да останеме на број и сите во ист број да го прославиме јубилејниот патронат догодина. Навистина тоа ми е единствената желба во ова време на тешка пандемија од која ќе излеземе само со помош на науката“, истакна ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Проректорите на Универзитетот во своите обраќања овие изминати 14 години ги оценија како доста продуктивни и корисни за високото образование воопшто.
„УГД направи значајно поместување во науката и образованието воопшто, а со отворање на нови научноистражувачки лаборатории сигурно дека тој исчекор ќе биде уште поголем“, истакна проректорот за развој, инвестиции и одржување, проф. д-р Дејан Мираковски.
Годинава, иако исклучително специфична за високото образование, УГД успеа многу бргу да се адаптира на промените и да понуди најсоодветен модел на образование во време на пандемија.
„Ние успеваме да се адаптираме и многу бргу да започнеме со настава и покрај пандемијата, верувам дека во годините што следуваат состојбата ќе се нормализира, а ние ќе излеземе покомпактен универзитет со поголеми можности за нашите студенти“, рече проректорот за настава и студенти, проф. д-р Мишко Џидров.
УГД почитувајќи ги сите протоколи за да се минимизира заразата од ковид 19 ги организира и планира сите свои активности, во овој контекст во периодот кој следува отворените денови ќе се одржуваат преку интернет, а еден иновативен и креативен начин студентите ќе можат виртуелно да го посетат УГД и да ги добијат сите одговори. Регистрацијата за тој настан е на следниов линк: << Линк >>.