Во денешниот свет постојат два големи проблеми кои треба да се решат, отпадот и создавањето на чиста енергија. Благодарение на новото откритие на британските и на американските научници се прави чекор кон побрзо решавање.
Судејќи според извештаите објавени во новиот број на магазинот Proceedings of the National Academy of Sciences (PNAS), протеините на површината на бактеријата можат да создадат електрична енергија при едноставен допир со површината на минералите.
Со други зборови, бактериите можат да се постават на метал или минерал и во нив да испуштаат електричен набој низ клеточните мембрани. Тоа значи дека бактериите можат директно да се поврзуваат со електроди, што е важен чекор во создавање ефикасни микробни горливи клетки, односно биобактерии.
Во текот на истражувањето научниците ја користеле морската бактерија Shewanella oneidensis и создале нејзина синтетичка верзија со тоа што ги употребиле само протеините кои пренесуваат електрони од внатрешноста на бактеријата во минералите.
Во експериментот научниците вметнале клучни протеини во липидните слоеви на меурчињата кои наликуваат на мембрана на бактеријата. Потоа тестирале како електроните патуваат меѓу внатрешноста во која се создаваат и минералите богати со железо, кои се наоѓаат на надворешната страна.