Образование
Дигитална трансформација во модната индустрија – 3D МОДЕН ДИЗАЈН
Соработката помеѓу реалниот сектор и високообразовните институции бил секогаш повеќе од посакуван, тоа е синергија која раѓа долгорочни резултати и го менува начинот на живеење.
Соработката што постои помеѓу МК „Вера монд“ и УГД – Технолошко-технички факултет, Катедра за дизајн на текстил и облека, уште еднаш ни го потврди тоа преку реализација на проектот „Дигитализација на 3Д моден дизајн“.
Што претставува 3D дигитален моден дизајн?
Целта на 3D дигиталниот моден дизајн е развој на мода преку која се елиминира непотребното физичко производство на мостри и шаблони за да се добие саканиот резултат. Значајна придобивка од користењето на виртуелното дизајнирање и подготовка на производни налози е скратувањето на производниот процес. Преку дигиталниот моден дизајн производството на прототипови се намалува за 50%, се зголемува квалитетот, се скратува времето на развој, драматично се зголемува можноста за експериментирање со материјали, бои, форми, воедно создавајќи ново и подобрено искуство за купувачот.
Основа на дигиталната модна трансформација се:
- Напредна анализа на податоци;
- Лесна интеграција;
- Висока модуларност;
- Зголемена одржливост;
- Решение од крај до крај.
VM3D е новиот бренд на МК „Вера монд“ - Штип кој ќе вложи во младите дизајнери кои досега креираа и создаваа свои креативни дела под менторство на доцент д-р Сања Ристески преку реализација на обука за 3D моден дизајн отворајќи им го патот кон глобалниот пазар на напредната дигитална модна индустрија. На овој начин дизајнот веќе добива друга димензија, а за студентите на насоката за дизајн на текстил и облека е еден огромен предизвик во насока на нивната креативност. Со студентите како дел од тимот ќе биде и доцент д-р Сашка Голомеова-Лонгурова, која ќе се вклучи во целокупниот креативен и технолошки процес.
.
Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип беше домаќин на Работилница од проект поддржан од Вестерн Балкан алумни асоцијацијата, посветен на изнаоѓање на нови начини на реализација на настава на отворено, процес кој стана извонредно актуелен поради Ковид пандемијата.
- Оваа активност има за цел да ни покаже, односно да дојдеме до начини како да го организираме наставниот процес на отворено, односно како наставниот процес, независно дали во основно, средно образование или на универзитетите да го префрлиме од училниците и предавалните на отворено. Преку различни интерактивни работилници денес работиме на тоа кои се предностите на тоа што сме на отворено. Ковидот ни покажа дека наставниот процес не може да се одвива на начинот на кој се одвиваше и дека мора да најдеме решение бидејќи социјализацијата и одредена меѓусебна интеракција, фидбекот од учениците, студентите недостасува, и затоа мораме да бараме решенија. Едно од решенијата е настава на отворено. Идејата е да најдеме начини и форми како да го направиме тоа, кои се пристапите и начините, како да ја организираме средината, што ќе ни биде потребно за успешно да реализираме еден ваков наставен процес, и на крајот на денот повторно да се вратиме во некоја нормала каде што ќе имаме и интеракција и комуникација, но и ќе го зачуваме здравјето како највисок приоритет, а сепак непречено ќе се одвива наставниот процес. Од друга страна, идејата ни е да ги искористиме сите ресурси, да размислуваме малку пошироко за тоа што како потенцијал и ресурс природата нуди. Учесници се претставници од УГД, Педагошкиот факултет од УКИМ, Меѓународниот балкански универзитет и од Универзитетот во Тетово, Факултет за спорт и физичко образование – изјави Билјана Попеска од Универзитетскиот спортски и културен центар на УГД.
На работилницата, како учесник беше и проф. Марјан Малцев од Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој смета дека овој проект може да биде основа за проширување на наставата на отворено и на други предмети, освен на наставата по Физичко воспитување за која и досега се практикува:
- Ова е воспитно-образовен експеримент за да видиме како да ја доближиме природата до нашите студенти и ученици. Целта е потполно оправдана, особено во овие услови на затвореност во нашата земја во согласност со ковид ситуацијата и се надевам дека овие напори ќе вродат со плод. Мислам дека поднебјето во нашата земја дозволува повеќе од 50% од наставата по физичко воспитување да се реализира надвор од училиштето. Сметам дека тоа треба да се користи и во наставата од другите предмети и останатите колеги да се вклучат во реализација на дел од своите наставни програми надвор од училниците, на отворено.
Сања Стефанова од Центарот за меѓууниверзитетска соработка на УГД изјави:
- Станува збор за проект кој е поддржан од VBBA Алумни асоцијацијата и е финансиран од страна на ЕУ. Главна цел е како да се придвижат образовните програми од внатре надвор. Целата инспирација за овој проект е од почнувањето на Ковид пандемијата, па инспирацијата беше да се најдат начини како професорите можат да имаат физички контакт со студентите и како тоа би можело да се изведе надвор. Проектот ќе резултира со прирачник за тоа како секој едукатор може да има група на ученици и студенти со кои ќе може предавањата и вежбите да ги изведува во природа. Се надевам дека ова ќе биде само почеток на активностите кои УГД во иднина ќе ги имплементира надвор. Ова е еден исчекор во високообразовните процеси и можеме да ја искористиме животната средина како средство за едукација, креативност и забава на студентите.
УГД домакин на работилница
Видео
Министерката Мила Царовска во гостување за универзитетските медиуми на Универзитетот „Гоце Делчев“ зборуваше за развојот и иднината на високото образование во државата. Високото образование се соочува со голем предизвик на немање студенти. Министерката потенцира дека ова е предизвик на многу универзитети во регионот и решението е кај проактивноста на универзитетите.
Високото ниво на соработка на Рудникот за олово и цинк „САСА“ и Факултетот за природни и технички науки при УГД – Штип добива своја потврда и во новата академска година која ќе започне за нешто помалку од еден месец.
Преку својата Фондација за поддршка на одржливиот развој, Рудникот „САСА“ се обврза да обезбеди стипендии за осум студенти запишани во прва година во учебната 2021/2022 година на Факултетот за природни и технички науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Пет стипендии ќе им бидат доделени на студенти по рударство, две стипендии на студенти на насоката геологија и една за студиите во областа на заштитата на животната средина. Дополнително, оваа година „САСА“ се обврза да обезбеди и четири стипендии за постдипломски студии на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на студиските програми Хидротехника и геотехничко инженерство. Студентите секој семестар ќе добиваат по 350 долари, а постдипломците по 470 долари во денарска противвредност. Освен новите стипендии, продолжува поддршката и на досегашните стипендисти, па така „САСА“ годишно издвојува повеќе од 10.000 долари за стипендирање на студенти.
- Со големо задоволство продолжуваме да ги поддржуваме студентите кои го усовршуваат своето образование и знаење во области кои се релевантни за нашите операции во ҆САСА҆. Веруваме дека овие стипендии ќе ги поддржат и мотивираат младите луѓе да се стремат кон најдобрите академски достигнувања во избраните области. Сакаме да сториме сѐ што можеме за да им помогнеме на младите македонски граѓани да ги развијат своите вештини, со тоа што ние во ҆САСА҆, како и во другите локални бизниси, ќе им обезбедиме можности за нивно вработување и развој на нивната кариера на долг рок - изјави генералниот директор на „САСА“, Скот Јеланд.
Според деканот на ФПТН, проф.д-р Зоран Десподов, стипендирањето на студенти од компанијата која во државава се вбројува меѓу четирите најуспешни компании Факултетот за природни и технички науки е од огромно значење, не само од аспект на привлекување на идни студенти туку и како гест на добра соработка на рударските компании со образовните институции и знак дека нашите кадри се барани од странски компании кои стопанисуваат со нашите рудници
- Со стипендирањето нашите дипломирани студенти на некој начин се обврзуваат да се вработат во оваа компанија, тоа дава гаранција дека интелектуалниот кадар ќе остане кај нас, а истовремено компанијата се обврзува дека ќе вложува во овие студенти, дека ќе им овозможи студентска пракса и др. Посебно сме му благодарни на генералниот директор на Рудникот, г. Скот Јеланд, кој покрај добрата соработка во апликативниот и научниот дел, со овој гест покажа дека се општествено-одговорна компанија и дека мислат за идниот развој на овој наш рударски гигант, кој е од огромно значење не само за Општина Македонска Каменица, туку и за целата држава.
Информациите и критериумите за добивање стипендии од „САСА“ се објавени на интернет страницата на „САСА“ (sasa.com.mk). Пријавувањето за добивање стипендија може да се направи до 5 октомври 2021 година. При разгледувањето на пристигнатите пријави, „САСА“ ќе им даде посебен фокус на младите луѓе од Македонска Каменица и околните места, како и на оние од социјално ранливите семејства. Покрај финансиската поддршка во текот на студирањето, „САСА“ ќе им овозможи на своите стипендисти одблизу да се запознаат и да стекнат првично искуство за тоа како функционира еден современ рудник. Оние кои ќе покажат најдобри резултати во текот на студирањето ќе добијат дополнителни поени при аплицирање за вработување во „САСА“. Сите заинтересирани кандидати за овие стипендии своите пријави можат да ги достават по електронска пошта на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или да добијат дополнителни информации на телефонскиот број 033 279 225.
Владата на Република Италија продолжува со поддршката што им ја дава на заинтересираните македонски државјани за студирање во Италија.
Проф. д-р Тодор Серафимовски од Факултетот за природни и технички науки при Универзитет „Гоце Делчев” – Штип неодамна е избран за претседател на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност.