Повеќе од 50 студенти од различни факултети при УГД и 10 професори и вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип беа дел од планинарска тура на Плачковица. Дел од турата беа и неколку Еразмус студенти кои моментално престојуваат на УГД и ова беше одлична можност за запознавање на убавините на Македонија.
Планинарската тура беше во организација на Универзитетскиот спортски и културен центар во соработка со Планинарското друштво „Лисец“ - Штип. Во рамките на предвидената рута на движење, групата на УГД предводена од 8 планинари и водичи од ПД „Лисец“ се искачи до врвот Туртел и Црквиште, притоа движејќи се низ живописни предели и патеки, користејќи ги благодатите од спојот природа во есен и движење во природа. Планинарскиот поход заврши со посета на новата карпа за качување на Плачковица и дружење на чај и кафе во Планинарскиот дом „Вртешка“.
Во текот на планинарската тура се изродија многу идеи за следни планинарски походи и дестинации, како и бројни иницијативи од студентите кои ќе бидат вклучени во програмата на Универзитетскиот спортски и културен центар. Основната цел на настанот беше промоција на планинарењето, запознавање со убавините на планините во Македонија и промоција на здрав и активен начин на живот и дружење. Универзитетскиот спортски и културен центар останува отворен за сите предлози и идеи од страна на студентите за слични активности.