Претставниците на Универзитетот остварија средби со ректори и претставници на универзитети од целиот регион, при што договорија соработка на ниво на размена на кадар и студенти. Во рамките на овие состаноци се отвори можност и за отворање на Институт Конфучие на Универзитетот „Гоце Делчев“.
- Договорени се иницијални соработки со многу универзитети со кои до сега сме немале соработка, а се спомна и можност за отворање на Институт Конфучие на Универзитетот „Гоце Делчев“. Од овие соработки огромен бенефит ќе имаат студентите, но и академскиот кадар на Универзитетот. Се надеваме дека во блиска иднина ќе се остварат повеќе заеднички средби - истакна проректорот за настава на УГД, проф. д-р Кирил Барбареев.
Оваа соработка и посета на Кина делумно е резултат и на тоа што УГД годинава прими шест студенти од Кина да студираат во Штип. Нивното очигледно задоволство од квалитетот на Универзитетот придонесе за проширување на соработката со кинеските универзитети.
Тема на овогодишниот состанок беше „Соработка меѓу Кина и земјите од Централна и од Источна Европа - нови можности, нови области, нови простори“. На средбата имаше претставници од универзитети, претседатели на држави и министри, а Македонија беше меѓу 16-те држави на овие средби.
На настанот во Тангшан имаше форуми за бизнис заедницата и меѓународната соработка, форуми за технолошка иновација, зелена енергија и заштита на околината, високо образование и вработување и форум за безбедност на храна и меѓународна размена.