Филолошкиот факултет денес го одбележа 5 мај - Денот на македонскиот јазик. Годинава воедно се одбележува и 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески.
- На денешен ден е озаконета азбуката на македонскиот јазик. Ние денес како факултет, поддржани од УГД и Универзитетската библиотека и Општината, го одбележуваме овој празник. Чест ни е, затоа што оваа година е 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески - изјави деканката на Филолошкиот факултет при УГД, проф. д-р Драгана Кузмановска.
На настанот беа доделени и стипендии за средношколците кои се пријавија на Конкурс за награден есеј. Неколку средношколци добија стипендии за бесплатно студирање во прва година на Универзитетот „Гоце Делчев“, на кој било факултет. На настанот свое присуство и учество имаа и од Фондацијата „Небрегово“ која го носи името на местото на раѓањето на големиот великан Блаже Конески.
- Ние славиме два јубилеја: 100 години од раѓањето на Блаже Конески и 20 години од формирањето на нашата фондација. Фондацијата заедно со Универзитетот „Гоце Делчев“ денес слави уште еден голем настан. Фондацијата за македонски јазик распиша два конкурса на кои се јавија многу ученици и студенти кои ќе добијат пригодни награди денес - изјави Атанас Конески, секретар на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“.
Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, исто така го поздрави настанот и истакна дека Општина Штип ќе биде поддршка на овој и вакви настани.
- Во година во која се одбележуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески како град сме почестени што една ваква манифестација се одвива токму во Штип. Ние како општина и јас како градоначалник ја поддржуваме ваквата и слични активности на Филолошкиот факултет и на Универзитетот „Гоце Делчев“ и стоиме на располагање во организација на вакви активности - изјави градоначалникот на Штип, Сашко Николов.
Настанот се одржа на платото пред Библиотеката „Гоце Делчев“ во Штип.