„Нашите истражувања открија и позитивни и негативни аспекти на родителските аспирации за академскиот успех на нивните деца. Иако родителските аспирации можат да помогнат во постигнувањето на подобри резултати кај децата, претераните аспирации можат да бидат ’отровни’“.вели Ку Мурајама, главен научник на ова истражување
Мурајама и неговите колеги анализирале податоци од студија спроведена од 2002 до 2007 година, при што биле опфатени 3.530 ученици од основно училиште и нивните родители од областа Баварија во Германија. Истражувањето го анализирал успехот во математика, како и родителските аспирации (колку високи биле нивните желби за постигнување на одредена оценка) и очекувањата (колку тие верувале дека нивното дете може да постигне одредена оценка).
Тие откриле дека високите родителски аспирации водат кон подобар академски успех, но само кога аспирациите не ги надминуваат премногу реалните очекувања. Кога ова се случува, успехот на децата се намалувал пропорционално. За да го потврдат, истражувачите пробале да ги реплицираат овие откритија користејќи податоци од 12.000 американски студенти и нивните родители. Резултатите биле слични со оние од германското истражување.
„Голем дел од претходната психолошка литература пренесува едноставна и директна порака до родителите: поставете високи очекувања за вашите деца и тие ќе постигнат повеќе“.вели Мурајама
Всушност, присилувањето на родителите да очекуваат повеќе од нивните деца често е главна цел на програмите дизајнирани за подобрување на училишниот успех. Ова истражување покажува дека фокусот на овие едукативни програми не треба да биде просто зголемување на родителските аспирации, туку на информирање на родителите како да оформат реални очекувања од нивните деца.
„Нереалните високи аспирации можат да го спречат академскиот успех. Повишените аспирации не можат да бидат ефективно решение во подобрувањето на училишниот успех“.уште еднаш потенцира Мурајама
Извор: www.sciencedaily.com