Иако во меѓувреме се случија бројни значајни настани кои придонесоа да созреам на професионален план, сепак со задоволство го издвојувам денот кога ја добив поканата да се придружам на сега веќе „мојот“ Универзитет „Гоце Делчев“. Почнав како насловен доцент, ангажирана со договор за реализација на наставата по предметите Биохемија и Клиничка биохемија, за многу бргу да сфатам дека Универзитетот е вистинската средина за мене. Професијата универзитетски професор за мене во исто време претставуваше исполнување на една дамнешна желба, но и огромен предизвик да се следи чекорот со времето, чекорот со науката и да се даде сѐ од себе за приспособување кон новата средина.
Всушност, Универзитетот „Гоце Делчев“ беше тој кој ми ги отвори вратите кон бројните меѓународни соработки и Фулбрајт стипендијата во САД, која во моментов е последниот од низата клучни моменти во мојот професионален развој. Двосеместралниот студиски престој на Универзитетот во Минесота, во истражувачката лабораторија на д-р Дејвид Бернлор е едно непроценливо искуство кое ме збогати не само со нови знаења од областа на клеточната биохемија и молекуларната биологија, туку и со познавања од организацијата на студиите во прв и трет циклус, вклучувањето на студентите во научноистражувачката работа и севкупниот живот во една развиена и прогресивна академска средина.
2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?
Сѐ што е поврзано со биохемијата било и ќе биде моја омилена тема. Ме фасцинира начинот на кој е организирана и регулирана клеточната функција, сите оние хемиски реакции кои во секој момент се одвиваат во секоја наша клетка, кои се толку многубројни, толку комплексни, толку тесно поврзани една со друга, за кои практично не сме ниту свесни дека се одвиваат, а од кои всушност зависат и нашето здравје и нашето постоење. Се трудам низ предавањата да им ги доближам на студентите сите тие апстрактни метаболни циклуси и низи, сигнални патишта, транскрипциони фактори, да им ја објаснам суштината на „хемијата на животот“, како што ја нарекуваме биохемијата. За предавање, пак, омилени ми се оние теми кои студентите најмногу ги сакаат, од едноставна причина што на тие предавања се највнимателни, а на испитите на тие прашања даваат најдобри одговори. Во текот на мојот студиски престој во САД имав можност детално да се запознаам со студиската програма по биохемија и молекуларна биологија за студентите по медицина на Универзитетот на Минесота. Една од целите на мојот престој во САД, покрај работата на конкретниот научноистражувачки проект беше да го збогатам моето знаење и искуство како професор на студентите од интегрираните студии од прв и втор циклус, што ќе ми помогне да ги збогатам и осовременам моите предавања. Токму на тоа интензивно работам во текот на оваа учебна година и особено сум задоволна кога студентите ќе ми кажат дека некоја тема посебно ги заинтересирала. Тоа се во прв ред клеточните сигнални патишта, како и регулацијата и интеграцијата на метаболизмот на клеточно ниво.
3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?
Како што кажав на почетокот, во мојот професионален развој постојат неколку клучни личности. Тука особено значајно место има мојот ментор проф. д-р Јорданка Димовска. Јас бев пресреќна кога проф. Димовска прифати да биде ментор на мојот магистерски труд и особено кога по подолги дискусии и пребарување на литературата таа се согласи со мојот предлог за тема на магистерскиот труд. Тоа беше липидната проксидација и оксидативниот стрес, теми кои се актуелни и ден-денес. За млад истражувач нема поголема среќа од работата на истражувачки проект кој е во склад со неговите афинитети, во кој тој ќе се внесе со голема љубов и посветеност. Тогаш и резултатите не изостануваат. По одбраната на магистерскиот труд, менторството на докторскиот труд дојде некако природно. Работевме заедно со проф. Димовска на проблематиката на дислипидемиите, липидната пероксидација и употребата на статините, при што дојдовме до интересни, оригинални научни резултатати. Во тој период, како и впрочем во текот на целиот мој 15-годишен работен ангажман во тогашната Воена болница, имав огромна поддршка од раководството на болницата, за што сум неизмерно благодарна. Еден сегмент од докторскиот труд беше изработен во соработка со болницата „Филип Втори“, за што исто така особено сум му благодарна на академик Жан Митрев и неговите соработници. Исто така, имавме и дел во кој работевме со хемодијализни болни каде што ги испитувавме ефектите од суплементацијата со витамин Ц и Е. Тоа беа почетоците и голем дел од тие теми се актуелни и во моите тековни истражувања, се разбира, осовременети и во склад со најновите научни сознанија. Во моментов сум фокусирана на финализација на научноистражувачниот проект со наслов „Оксидирани протеини кај пациенти на хемодијализа – влијание на суплементацијата со витамин Ц“, кој е финансиран од Фондот за научноистражувачка работа на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип. Активно работам и во два тековни Европски COST проекти. Во едниот работам како еден од евалуаторите на предлог-проекти за кратки истражувачки проекти, а во другиот се работи на прибирање на податоци за мета-анализа. Плановите за во иднина се насочени кон имплементација на наученото во САД. Фокусот ќе остане на метаболните нарушувања како основа за зголемениот ризик за појава на шеќерна болест, кардиоваскуларни и малигни заболувања, но сега повеќе на клеточно, молекуларно ниво. Новата студиска програма од трет циклус по биомедицина е рамката во која ќе ги реализираме идните истражувања на ова поле. Дел од најосновната опрема веќе ја имаме, но потебни се и дополнителни инвестирања. Веќе имаме некои планови за кои се надевам дека ќе успееме да ги реализираме, но секоја дополнителна помош е исто така добредојдена.
4. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе коишто се создадени да бидат доктори? Кои вештини им се потребни?
За да биде успешен, секој треба да ја сака својата професија и да биде подготвен да одговори на предизвиците што таа ќе ги постави пред него. За докторите на медицина тоа значи шестгодишни интегрирани студии на прв и втор циклус, државен испит, специјализација. За оние со поголеми амбиции следуваат супспецијализацијата и докторските студии. На работното место ги чекаат долги смени и напорни дежурства. Сето тоа бара голем физички и умствен напор и можно е да се постигне само со една огромна мотивација. Но, според мене, она со што се издвојува еден добар доктор, освен знаењето, е искрената грижа и желба да им помогне на своите пациенти. Тоа важи и за непосредното лекување на болните во здравствените установи, но исто така и во сегментот на научноистражувачката работа. Затоа што без врвни научни достигнувања во областа на биомедицинските науки нема напредок во медицината и откривање на нови лекови и третмани за најразличните болести со кои човештвоте сѐ уште не може да се справи.
5. Какви се, според Вас, денешните студенти, во споредба со студентите во минатото?
Денешните студенти се младите луѓе од ова време. Јас не мислам дека се ниту подобри ниту полоши од студентите во минатото. Секое време си носи свои особености и свои предизвици кои се рефлектираат врз луѓето, независно на која генерација припаѓаат. Меѓутоа, ако нешто генерално ни пречи во начинот на однесување на младите луѓе сметам дека треба да се прашаме зошто е тоа така. Дали семејството, училиштето и општеството во целина можеле да сторат нешто повеќе или нешто поинаку за да се повлијае во поголема мерка врз позитивниот развој и воспитувањето на младите. Лично сметам дека и Универзитетот е место каде што можеме и мораме да влијаеме врз младите луѓе на начин што кај нив ќе изградиме највисоки стандарди на професионална етика. Тоа е од големо значење во секоја професија, но можеби најмногу во областа на медицината. Јас сум многу среќна што меѓу нашите студенти има голем број кои се одликуваат со добро однесување и со едни од најблагородните човечки особини, како што се: работливост, чесност, искреност, хуманост.
6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?
Честопати се прашувам дали јас сум добар универзитетски професор. Дали сум успешна во моите настојувања квалитетно да им ги пренесам наставните содржини на моите студенти, да ги насочам во совладувањето на материјалот, да ја најдам вистинската мерка при составувањето на колоквиумските и испитните прашања... Целта е студентот да се стекне со квалитетно и трајно знаење кое ќе може да го интегрира со знаењето стекнато по другите предмети и кое понатаму ќе му користи во текот на неговиот професионален ангажман и развој. Од друга страна, работата со студентите од втор и трет циклус си има свои специфики. Моја интенција е да ги водам и насочувам студентите во текот на нивните истражувања, но во исто време да им оставам простор за презентирање и разработка на нивните сопствени идеи. Се надевам дека овие настојувања ќе вродат со плод и дека еден ден моите студенти ќе можат да кажат дека сум им помогнала да ја научат и разберат биохемијата.
7. Кои се придобивките од воведувањето на ЕКТС во студиите?
Според мене, една од најзначајните придобивки на овој систем е можноста за мобилност на студентите. Веќе имаме голем број студенти кои реализирале мобилност на некој од универзитетите со кои имаме остварено ваков вид на соработка. Сите тие се враќаат назад со одлични впечатоци и со стекнати нови знаења и искуства. Престојот во друга академска средина му дава на студентот можност да ја согледа комплексноста на академското образование од еден поинаков агол и да го поттикне да размислува за правецот на неговиот иден професионален и научен развој. Академската средина е таа која треба да генерира прогресивни идеи и нови перспективи, а мобилноста е еден од елементите кои се во функција на размената на идеите и прогресот.
8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?
Морам да признаам дека често пати на предавање ќе дојдат студенти кои тивко ќе си зборуваат меѓу себе за некоја многу поважна тема од „моите“ биохемиски патишта и методи. Но, и тоа е дел од студентскиот живот и темпераментот на младите луѓе. Сепак, особено ме радува што најголемиот дел од студентите со особено внимание ги следат предавањата и поставуваат прашања во врска со предадениот материјал. Јас од моја страна се трудам да ги организирам предавањата на начин што времето поминато на предавање ќе биде продуктивно за студентите. Посветувам многу време на објаснување на принципите и процесите, причините и последиците, суштината на секоја тема и проблем. На тој начин сметам дека им помагам на студентите за побрзо и полесно домашно учење, а со тоа и за постигнување на подобри резултати во учењето.
9. Која е Вашата порака до студентите?
Да си постават благородна цел и да одат по патот. Патот ќе биде и долг и тежок, понекогаш каллив, понекогаш трнлив, стрмен... но задоволството од постигнатиот успех е неизмерно. Им посакувам успешно студирање и убави перспективи.