Интервју со проф. Јана Јакимовска: Добриот професор не заборавил како е да се биде студент

 1. Кои се клучните моменти кои влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Првиот клучен момент беше моментот на одлука: денот кога решив дека ќе се обидам да се запишам на Ликовна академија.

Растргната меѓу повеќе области – ме интересираа и јазици и литература – уплашена од приказните дека „од сликање нема леб“, јас си ги поставив работите на следниот начин: си замислив како студирам нешто друго и како случајно се запознавам со некој што се запишал на Ликовна академија. И во таа замислена сцена во мојата глава, јас бескрајно му завидував на тој непостоечки бруцош. Ми стана јасно дека истата ситуација би се пресликала и во вистинскиот живот и тоа ми помогна да се охрабрам и да си ја пробам среќата на приемниот испит. Понатаму, сите ментори и професори од кои сум имала можност да учам одиграле клучна улога во тоа што сум јас денес – без разлика дали од нив сум учела како треба или како не треба. На Вело Ташовски и Антони Мазневски, професорите во чија класа дипломирав и магистрирав, им должам многу. Сепак, најмногу ѝ должам на Елизабета Аврамовска, професорка која ме подготвуваше за приемниот испит, будно ја следеше мојата работа и ми ја укажа најголемата доверба што може да му се укаже на еден студент: ме ангажираше како демонстратор, го отвори пред мене тој прекрасен свет на заемно учење и со тоа е главен „виновник“ што денес го работам токму ова. И конечно, сите претставувања пред публика, сите изложби, слики, инсталации кои излегуваат од ателјето и автоматски се изложени на секаква критика се од клучно значење за еден автор. Тоа е конечниот тест за нас, и секое јавно претставување на одреден начин нè менува. За особено важни ги сметам претставувањата надвор од родната земја, зашто „таму некаде“, далеку од комфорот и пристрасниот суд на познајниците, можеме да се погледнеме вон востановените контексти и да се преиспитаме како автори, карактери и луѓе. Токму тие претставувања во Германија, Италија, САД, Литванија и др. ме воздигнале до небото или пак ме треснале од земја... Но што ќе сме ние, доколку во животот не се соочиме со двете страни на медалјата?

2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Тешко прашање – особено затоа што во нашата работа најважен е фидбекот од студентите и нивната мотивација. Често се случува токму некои работи кои лично ги сметам за малку подосадни да им бидат интересни, да станат страотно креативни и со таа еуфорија да ме заразат и мене. Лично, интересно и возбудливо ми е да предавам перспектива, поради прекрасното двојство на предметот, кое е безмалку филозофско: правилата и геометријата, од една страна, и вечната субјективност, од друга страна. Омилени ми се и сите теми кои на одреден начин прават пресек низ историјата на уметноста и ги поттикнуваат студентите на размислување и преиспитување на сето она што се прави во уметноста денес.

3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Многу е субјективен, непредвидлив и флуктуирачки творечкиот пат. Условен е од внатрешните пориви, но и врзан со сето она што го живееме и што се случува надвор од нас. Сликарството за мене останува примарен интерес, но истовремено експериментирам и со инсталации во јавен простор, фотографија, комбинирани техники... Не верувам во праволиниски развој и сметам дека може паралелно да се истражува и да се функционира со повеќе изрази: од фигурален, преку апстрактен, до концептуален. Ликовноста има една тежина, општествената контекстуализација и ангажираност има друга – тие меѓусебно можат да се допрат, да се судрат или да се разминат без да се сретнат – но нужно не се исклучуваат меѓу себе. Она што, веројатно, ќе остане во фокусот на мојот интерес, а и ќе расте заедно со мене е автопортретот (автофигурата, автоактот) како тема. Од една страна, сликањето автопортрети е еден вид на сликовен дневник. Од друга, има терапевтско дејство (според мене, нема поголема автоанализа во уметноста). И на крајот, преку сите видови на вивисекција на себеси, авторот има можност не само ликовно да истражува, туку и да ги коментира прашањата на автоцензура, автоиронија, автокритика, да ги преиспитува човештвото, светот, општеството, прашањата на родот, моралот, другоста и сето она што е некаква вредност или проблем на денешнината.

 

4. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат ликовни уметници? Кои вештини им се потребни?

Сметам дека за секоја професија постојат одреден тип предиспозиции. Но, за нашава работа постои една ширко распространета заблуда, а тоа е дека најважната работа за занимавање со ликовна уметност е талентот. Талентот е мал процент од она што го сочинува комплетниот автор. Сировиот, нешколуван талент е само минимална предност во даден момент, тој не е ниту конечен, ниту пресуден. Она што е навистина потребно да се поседува е желбата, упорноста да се учи и напредува, трпението и работливоста (оти оваа работа бара многу повеќе работни часови од некои други професии – физички, но и ментално). Занаетскиот дел, колку и да е потребен, е во голема мера совладлива работа, но ниту тој не е доволен сам за себе. Нема уметност без креативност, а креативната страна се храни со посетување изложби, гледање филмови, читање литература, слушање музика, одење во театар и комуницирање, разговарање со луѓе – секакви луѓе од различни профили, од кои се учат најнеочекуваните работи. Но, и занаетот и креативноста не значат ништо доколку немате што да кажете – тие се само алатки кои му помагаат на авторот да се изрази. Затоа, авторот мора да биде комплетна личност која не се плаши да го каже својот став, да се сомнева во авторитетите и да ги преиспитува сите установени вредности и правила.

5. Какви се, според Вас, денешните студенти, во споредба со студентите во минатото?

Секоја генерација е интелигентна и способна – тоа е константа. Сепак, жал ми е што ќе морам да го кажам ова, но во моето 12-годишно искуство забележувам дека студентите од генерација во генерација се за нијанса помалку заинтересирани и подготвени на предизвици. Од година во година сум и малку подзачудена од тоа како некои работи не се знаат. Совршено ми е јасно дека одговорноста треба да се бара на друго место, а не во студентите. Дали е проблемот во целосниот квалитет на образованието? Дали е тој однос производ на севкупните општествени околности? Не сум сигурна, но претпоставувам дека има луѓе кои можат професионално и темелно да го истражат овој феномен, па ќе почекам некој од нив да го даде одговорот.

6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Кога се луѓето во прашање, не верувам во формули: верувам дека има многу начини да се биде добар во својата работа и верувам дека сосема различни пристапи можат да резонираат со останатите луѓе. Но, ќе се обидам да направам сублимат на она што мене ми било важно да го видам кај моите професори. Добриот професор не престанува да биде љубопитен и тој порив им го пренесува на студентите. Добриот професор авторитетот не го гради со помош на казни и условувања, туку со почитта и довербата што им ја дава на студентите. Тој не заборава дека првата и најважна работа која треба да им ја пренесе на студентите е како да станат подобри луѓе – зашто тоа е клучот на сè, па и на професионализмот. Добриот професор знае дека работи со индивидуи, а не со аморфна група луѓе. И конечно, тој не заборавил како е и што значи да се биде студент.

7. Кои се придобивките од воведувањето на ЕКТС во студиите?

Секој систем е добар до таа мера до која е добро применет. ЕКТС системот е флексибилен и приспособлив на повеќе области. Клучната работа е ние, како активни применувачи на ЕКТС, да не престанеме да размислуваме на подобрување на системот, т.е. секој од нас во својата сфера будно да следи што може да се поправи и дотера, што функционира, а што не функционира воопшто.

8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Наставата на Ликовната академија е генерално динамична, праксата и теоријата се тесно испреплетени. Иако студентите работат во група, суштината на нивната работа е индивидуална и тоа го детерминира и нашиот пристап како педагози. Секако, постои потреба и од теоретски предавања, и токму тука може да се случи пад на концентрацијата. Но, најдобриот „будилник“ во тие мигови е изненадувањето, а најдоброто изненадување е хуморот. Во мене живее еден мал стенд-ап комичар кој во тие моменти ме заменува и „ја спасува ситуацијата“ - па откако ќе се насмееме, предавањето продолжува во разбудена и опуштена атмосфера.

9. Која е Вашата порака до студентите?

Никогаш не престанувајте да учите и секогаш бидете љубопитни. Истовремено, не престанувајте малку и да се сомневате – во сè: во мене, па и во себе. Клучната работа во животот е рамнотежата, така што тој сомнеж избалансирајте го и со верба во себе и знајте дека многу нешта можете да направите. Не заборавајте да погледнете околу себе кога ви е најлошо, а особено кога ви е најдобро, зашто ние сме онолку добри колку што сме во состојба да го подобриме светот околу нас. Не се плашете во животот да се борите за она што сметате дека е правилно и праведно, не се стеснувајте работите да ги наречете со нивното вистинско име. Зборувајте кога имате што да кажете, а кога немате – слушајте. Некогаш токму туѓите приказни се онаа нијанса која ни недостасува на палетата и која ќе ни помогне да го завршиме делото. И конечно: растете безгранично, но засекогаш останете деца.

 

Последен пат изменето на Петок, 25 Март 2016 10:25
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…