Интервју со проф. Марија Леонтиќ: Задоволство ми е да ги гледам трудот и посветеноста на студентите

1. Кои клучни моменти влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Можеби ќе звучи чудно, но јас никогаш не планирав да правам кариера. Од почеток бев свесна дека со мојата диплома за професор по турски јазик и книжевност ќе имам ограничени можности во Македонија, бидејќи во секое училиште нема паралелка со наставен турски јазик. Затоа се трудев да ја искористам секоја можност. Притоа се трудев да покажам максимален квалитет и одговорност, а тоа ми отвораше нови врати и можности. Така отворајќи нови врати во текот на овие дваесет години изодев пат што се нарекува кариера.

2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Современиот турски јазик со сите свои аспекти за мене сѐ уште е непресушен извор. Посебно е големо задоволство да ги видите трудот и посветеноста на студентите кои се запишале без познавање на турскиот јазик и за одредено време го достигнуваат нивото на знаење на студентите чиј мајчин јазик им е турскиот.

3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Како што истакнав на почеток, јас плански не градев кариера, туку ги користев реалните можности во дадениот миг. И денес не го работам тоа што ми привлекува внимание, туку тоа што малку или воопшто не е работено во Македонија или тоа што може да ми користи во наставата. Во Македонија малку е работено во областа на македонско-турската или турско-македонската контрастивна граматика и за преведувањето од турски на македонски јазик и од македонски на турски јазик, а ние во студиските програми ги имаме овие предмети. Поради ова, во последните години секоја добра можност ја користам да пишувам стручни и научни трудови во овие области.

4. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат лингвисти? Кои вештини им се потребни?

Се разбира природните лингвистички предиспозиции се многу важни, но јас во мојот работен век се соочив со контрадикторни ситуации. Од една страна, познавам лица кои имаат огромни предиспозиции и можат да создадат ретки дела, но реално не ги користат своите природни потенцијали, а од друга страна познавам лица кои имаат слаби предиспозиции и не можат да создадат ретки дела, но имаат големи амбиции и прават кариера. Многу е важно лингвистичките предиспозиции на личноста да бидат последени со инвентивност, трудољубивост, посветеност, педантност и одговорност кон делото што се работи и кон лицата со кои се соработува.

5. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?

Јас си ги сакам и минатите и денешните студенти. Голема разлика во студентите од минатото и денес нема. Но, има голема разлика во условите во кои студираат. Порано имаше малку факултети, студентите се запишуваа на факултет со строга селекција и имаа помали услови за студирање. Многу лица сонуваа да студираат, но поради строгата селекција не успеваа. Денес има многу државни и приватни универзитети и факултети, селекцијата не е ригорозна и има големи можности за добро студирање (добро снабдени библиотеки, голем фонд на литература на македонски јазик, многу дела преведени на македонски јазик, странски културни центри и институти со богата странска литература, електронски библиотеки и книги, компјутер, интернет, разновидни програми кои се од голема помош при пишан превод и при подготвување предавања, презентации, книги и сл.).

Студенти на Катедрата за турски јазик и книжевност презентираат расказ на турскиот писател Јалвач Урал на турски и на македонски јазик

6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Ова прашање е подобро да им го поставите на студентите. Тие најдобро би дефинирале што за денешниот студент значи да се биде добар универзитетски професор.

7. Кои се придобивките од воведувањето на ЕКТС во студиите?

Студентите имаат можност да избираат помеѓу повеќе предмети, тргнувајќи од своите желби, потреби или идни планови.

8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Свесна сум дека предавањата по фонетика, морфологија и синтакса на современиот турски јазик не се многу интересни за студентите. Но некои споредби на гласовите, наставките и зборовите со појавите во секојдневниот живот, вежбите за времињата поврзани со нивните активности и желби и слично можат да внесат боја на часовите. Некогаш свесно, а некогаш интуитивно приоѓам на овој проблем. Но факт е дека едно исто решение не е прифатливо за сите групи или за сите членови на групата.

9. Која е Вашата порака до студентите?

Да бидат исполнети со позитивна енергија, иднината да ја гледаат оптимистички, бидејќи секој дава свој придонес за развојот на својата средина. Додека студираат да се трудат колку што е возможно да бидат подобри со цел по дипломирањето да бидат конкурентни со квалитет на пазарот на трудот. Да сфатат дека мораат да ги следат промените и новитетите во областа на технологијата, што овозможува вработување и работа преку интернет и слично во земјава и во странство. Човекот кој ги следи промените и е подготвен да се менува може да влијае на промените во својата околина, а промените неминовно ќе доведат и до развој.

Студенти на Катедрата за турски јазик и книжевност по презентација на турскиот расказ со д-р Хусејин Озбај, визитинг професор од Р. Турција, и д-р Марија Леонтиќ

 

Последен пат изменето на Среда, 30 Март 2016 12:57
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…