(Видео) Студентите се запознаваа со предизвиците на судскиот превод

Филолошкиот факултет заедно со Здружението на преведувачи на Македонија денеска организираше работилница за студентите на темата „Судски превод“. Целта на ваквата работилница е да се запознаат студентите со предизвиците со кои ќе се соочуваат во иднина доколку се одлучат да работат како судски преведувачи.

- Моменталната состојба со судскиот превод е таква што преведувачот се соочува со низа предизвици и нејасности кога започнува да работи како судски преведувач. Имаме проблеми со терминологија, со пренесувањето на македонските имиња во странски азбуки и обратно. Тој дел од работата го регулираме. Преведувачот треба да има јасни насоки за да биде преводот соодветен. Треба да се работи на обуки на судските преведувачи и по полагањето на испитот за судски преведувач и, секако, на можности за повеќе пракса од работа во судница и консултирање на документи - истакна Ана Попова-Манасиевска, член на Здружението на преведувачи на Македонија.

Студентите, исто така, беа задоволни од тоа што имаа можност да присуствуваат на ваква работилница и некои од нив веќе размислуваат да продолжат со своето студирање како преведувачи или во делот на судскиот превод. Според Здружението на преведувачи на Македонија, ваквите обуки и работилници ќе продолжат и во иднина заедно со Филолошкиот факултет во Штип и многу наскоро ќе се реализираат нови проекти кои ќе бидат од бенефит за студентите.

Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…