Растев во фамилија во која сите во младоста биле спортисти, дел од нив членови на републичките екипи во гимнастика. Преку тие натпревари се запознале и моите родители. Но сепак, несомнено најголемо влијание во изборот на мојата професија има мојот татко чии професионални чекори ги следам од почетокот на моето образование и се надевам ќе успеам да ги достигнам. Оттука, изборот на Факултетот за физичка култура за мене беше природен избор, а сите натамошни фази во мојот професионален развој беа логична последица и надоврзување на моите интереси и афинитети.
Вработувањето на Факултетот за образовни науки, како асистент, помлад асистент, а потоа и доцент на предметите Физичко и здравствено образование со методика претставуваа идеален спој на моите основни интереси – кинезиологијата и педагогија. Во целиот тој развоен пат, освен од татко ми, имав можност да учам од уште неколку професори, истакнати имиња во методиката на физичкото воспитание, како и мојот ментор на магистерските и докторските студии кои несебично ми ги пренесоа своите знаења и искуства за работата со студентите.
2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?
Тешко е да се одговори на ова прашање. Сите теми од предметите кои ги предавам за мене се интересни и значајни. Секоја од нив разработува различен аспект. Доколку сепак треба да издвојам, би ги одбрала темите кои беа предмет на интерес на мојот магистерски труд и на докторскиот труд, односно моторичкиот развој кај децата, факторите кои го одредуваат тој развој и можностите и формите за влијание врз истиот. За студентите како особено интересни се темите поврзани со значењето на физичката активност за човекот, позитивните ефекти кои ги има врз здравјето, различните форми на реализација. Сепак, како можеби најомилени од сите би ги издвоила дискусиите со студентите поврзани со нивната методичка пракса, односно практичната реализација на часовите по ФЗО и активностите по ФВ во детските градинки. Овде дискутираме и ги анализираме сите оние аспекти кои треба да ги знае и да ги има предвид еден наставник и воспитувач. Сите тие ја даваат суштината и смислата на она за што ги подготвуваме студентите на Факултетот за образовни науки. Повратната информација од студентите за нивните искуствата се неисцрпен материјал за дискусија за многу следни предавања и несомнено еден од основните мотиви за понатамошно постојано усовршување.
3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?
Кинезиологијата е наука која несомнено има многу проблеми за истражување. Движењето на човекот и човек како целина сами по себе се комплексни појави. Доколку ова го поставиме во релација со онтогенетскиот развој во сите негови стадиуми, социјалната интеракција, општественото опкружување, внатрешните фактори на личноста и современиот начин на живот со сите негови придобивки и недостатоци, тешко е да се дефинира интересот на само еден истражувачки проблем. Сепак, мојот истражувачки интерес е насочен кон истражувањата поврзани со физичката активност на децата во предучилишна и училишна возраст и студентите. Конкретно моторичкиот развој и релацијата со останатите сегменти од развојот, сите аспекти на процесот на физичко воспитание и образование, спортските активности во слободното време и сл.
4. Дали мислите дека постојат одреден тип луѓе кои се создадени да бидат наставници? Кои вештини им се потребни?
Моето досегашното искуство во работата со студентите на Факултетот за образовни науки како институција која профилира идни наставници и воспитувачи, како и анализата на моите искуства со бројни наставници и професори во тек на моето школување, покажуваат дека секој не може и не треба да биде наставник. По мое видување, наставникот треба да биде отворена, позитивна и комуникативна личност. Личност која е подготвена постојано да учи и да се надградува. Личност која нема да биде суетна како резултат на тоа што и колку знае и колку постигнала, туку едноставно ќе биде подготвена тоа на наједноставен начин да им го пренесе на своите ученици или студенти. Наставникот треба да има огромно трпение и способност за емпатија. Некој кој се одликува со креативен, истражувачки и визионерски дух. Наставникот треба да биде личност која е критична во насока на мотивирање, охрабрување и поттикнување, но и доволно самокритична со цел сопствено надградување. Истиот треба да биде авторитет од позиција на почит кон знаењето што го нуди и промените што ги прави во насока на развој на своите ученици, не од позиција на моќ. Доволно самосвесен за своите определби, но доволно голем и отворен да ги надмине сопствените предрасуди. Едноставно кажано, наставникот треба да биде промената што сакаме да ја видиме во нашите ученици.
5. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?
Споредбата можам да ја направам во однос на периодот кога јас бев студент. Веројатно многу поотворени во комуникацијата, директни во барањата, свесни за своите права и делумно за своите одговорности. Секако со многу поголеми олеснувања и придобивки во насока на можностите што ги нуди електронскиот систем воспоставен на универзитетите, полесен пристап до современа литература, најнови научни сознанија, полесна комуникација, брза размена на информации, посовремени услови за студирање. Секако, можеби една од најголемите придобивки на денешните студенти се можностите за меѓународни размени кои нудат огромни можности за професионален, но секако и за личен развој.
6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?
Сите претходно наведени карактеристики за вештините и личноста на наставникот несомнено се однесуваат на она што значи добар универзитетски професор. Со една значајна напомена, а тоа е дека универзитетскиот професор работи со веќе формирани личности кои веќе добро знаат кои се, што се и што сакаат да бидат. Оттука, особините како истражувачки дух, критичност, самокритичност, одговорност и почит кон останатите, како и улогите на мотиватор, поттикнувач и секако добар методичар и педагог, веројатно добиваат поголемо значење кога станува збор за тоа што значи добар универзитетски професор.
7. Кои се придобивките од воведувањето на ЕКТС во студиите?
Несомнено компатибилноста на студиските програми со програмите на останатите универзитети како форма за полесна мобилност на студентите е можеби најголемата придобивка на ЕКТС системот на студии. Останатите бенефити би ги лоцирала во можноста континуирано да се следи напредокот на студентите, како и потребата да бидат постојано активни и комплетно вклучени во наставниот процес.
8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?
Интересот го одржува вниманието. Оттука се трудам од содржините кои се предвидени за предавања да го акцентирам она што претпоставувам дека ќе им биде интересно, дополнето со интересни факти и податоци од најнови научни сознанија или примери на добра пракса. Природата на предметите кои ги предавам нуди бројни содржини кои се применливи во секојдневниот живот. Оттука моето лично настојување за секое од предавањата е студентите да си заминат со сознание или порака кои можат да ги практикуваат во секојдневниот живот.
9. Која е Вашата порака до студентите?
Да вложуваат во себе, во своето знаење и во личниот развој. Да не се откажуваат, да бидат истрајни и упорни. Да гледаат на пречките како на можност за учење и развој, а не како на причина да застанат или да се откажат. Секој ден да учат по нешто ново. Да не се плашат да поставуваат прашања и постојано да трагаат по нови одговори.
Мојата крајна порака е поттикната од моето искуство со студентите на сите практични вежби кои ги реализираме во сала. Често многу студенти се откажуваат да направат одредена вежба уште пред да се обидат да ја изведат. Таа изгледа тешка, комплицирана, напорна. А тие се чувствуваат слаби, немотивирани, неподготвени, се срамат.
Мојата порака е: ОБИДЕТЕ СЕ, НЕ СЕ ОТКАЖУВЈТЕ ПРЕД ДА ПОЧНЕТЕ, не е сѐ тешко како што изгледа. Тестирајте ги своите можности – физички и ментални, не знаеме што сѐ можеме доколку не се обидеме да направиме нешто. Или кажано со спортски речник: она што денес ни изгледа како најтешка работа, утре веќе ќе ни биде само загревање.