- Ова не е само тема која може да биде поврзана со спортот, поврзана е и со наука, со апликативна дејност, со иновативна дејност, поврзана е со помош во комуникација со луѓето. Чувствуваме привилегија, бидејќи здружението во Штип има светско реноме и луѓето кои подолги години се занимаваат со ова ќе ги воведат студентите во следните активности – изјави проф. д-р Барбареев.
Според м-р Миле Кокотов, претседател на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија, ова е плод на заемна соработка на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија и Универзитетот „Гоце Делчев“ кој прави многу за студентите, за нивните воннаставни активности, да можат да членуваат и во вакви технички клубови.
- Со формирањето на овој клуб во рамките на УГД, тој се приклучува на големиот број универзитети во светот кои имаат радиоаматерски клубови. Аматерството кај нас во однос на професионализмот има малку пејоративно значење, но тоа не е така. Аматерството е од зборот аматер, кој значи љубител, а радиоаматерството значи љубители на радиотехниката, телекомуникациите. Радиоаматерството во Македонија има голема традиција и постигнува значајни резултати во светски рамки. Наши членови редовно постигнуваат завидни резултати и први места на натпреварите во Европа и во светот. Со формирањето на Академскиот радиоаматерски клуб во состав на УГД, убеден сум дека таа традиција ќе се продолжи. За студентите тоа ќе помогне и за практична примена на знаењата што ги добиваат на Универзитетот од областа на радиотехниката, телекомуникациите, но и од спортско-техничките активности.
Академскиот радиоаматерски клуб ќе биде отворен за членство како на студенти, така и на надворешни членови.