Студентите традиционално имаат организирана посета на Парламентот, но овој пат директно во судницата на Правниот факултет имаа можност да слушнат размислувања од екс пратеничката Билјана Казанџиска и актуелниот пратеник Влатко Ѓорчев.
- Традиционално нашите студенти прават посета на Собранието на РМ и изворно се запознаваат со начинот на функционирањето, но денес имаат можност од бившата пратеничка Казанџиска и актуелниот пратеник Ѓорчев да се запознаат што претставува пратеник, која е неговата функција, неговата улога во политичкиот систем, што претставува Собранието, но истовремено, како треба да се зајакне позицијата на законодавната власт во политичкиот систем во Р Македонија. Студентите имаат можност изворно да се запознаат што претставува работно тело, пленарна седница, здружување помеѓу пратеници од различни политички партии околу заеднички теми, како што се женските прашања, правата на инвалидите, што претставува координација, како се усогласуваат позициите помеѓу различни политички партии внатре во Парламентот. Наша пракса е секогаш во однос на различни теми да викнеме практичари кои ќе ги споделат искуствата и знаењата со студентите. Сме имале со амбасадори, министри, градоначалници и еве сега со пратеници – изјави проф. д-р Јован Ананиев, декан на Правниот факултет.
Според поранешната пратеничка Билјана Казанџиска, оваа идеја е одлична и ја поздравува иницијативата на деканот Ананиев.
- Јас како поранешен пратеник ќе ги изнесам моите искуства за работата во Парламентот, функционирањето на Комисијата за еднакви можности, Клубот на пратенички... Во секој случај, добро е студентите да научат директно од оние кои лично учествувале во такви активности, да не биде само учебникот тој од каде што ќе црпат знаења, туку да ги видат активностите и да слушнат од луѓе кои учествувале во истите – изјави Казанџиска.
Задоволство од можноста за средба со студентите на Правниот факултет при УГД изрази и Влатко Ѓорчев, кој потсети дека лично дал поддршка и бил еден од иницијаторите за отворањето на Универзитетот „Гоце Делчев“.
- Убаво е да се биде тука, ќе разговараме. Тука сум да ги чујам нив – не само да кажеме нешто, туку и да ги чуеме нивните мислења, нивните прашања, потребите на нивната генерација, затоа што младите се меѓу најважната кауза на секоја држава, така треба да биде и во оваа наша држава. Секој парламент се бори за својот кредибилитет и секогаш предизвиците се различни. Има различни теми, дебати, и тоа варира од прашање до прашање. Исто така, секој пратеник е поединец за себе и секој едноставно одговара за своите позиции, за своите залагања, а на крајот апсолутно граѓаните го имаат последниот збор, тие се врховниот арбитар – изјави Ѓорчев.