„Приматијада“ е научно-спортско натпреварување на студентите од природните науки од регионот на поранешната СФРЈ кое има традиција веќе 45 години. На „Приматијада“ секоја година учествуваат повеќе од 1500 студенти, кои се натпреваруваат во спорт и знаење. Целта е преку разни спортски дисциплини да се развива спортскиот дух меѓу студентите, да се надградуваат вештините на студентите со презентација на научни трудови од областа на природните науки, да се разменуваат искуства со студентите од други држави, како и да се осмислат нови идеи и проекти.
„Приматијада 2019“ ќе се одржи во периодот од 30 април до 4-5 мај 2019 година во хотелот „Гладиола стар“ во познатото бугарско летувалиште Златни Песоци.
Цената за сместување е 115 евра и опфаќа:
- пет полни пансиони (шведска маса);
- сместување во соби со 2, 3 или 4 кревети;
- котизација за учество на натпреварите.
Може да се пријават сите студенти на УГД заинтересирани за учество на спортските натпревари во кошарка, фудбал, ракомет, одбојка, пинг-понг и шах и сите студенти кои сакаат да презентираат научен труд од областа на информатика, математика, физика, хемија и биологија.
Пријавувањето е до 22 март кај претставникот на Студентскиот сојуз на УГД, Иван Крстевски, или кај секретарката на Факултетот за информатика.