Целта на посетата е студентите да се запознаат со технолошкиот процес на експлоатација и подготовка на минералната суровина. Студентите влегоа во рударските јами, го видоа процесот на експлоатација, начинот на подградување и рударската механизација, потоа отидоа во погонот за флотација, каде што ги разгледаа внатрешниот транспорт, дробилките, млиновите, како и машините за флотација, сѐ до добивање на финален производ, оловен и цинков концентрат.
Оваа посета е резултат на успешната и долгогодишна соработка помеѓу Факултетот за природни и технички науки и Рудникот „Саса“. Од минатата година Рудникот „Саса“ доделува по десет стипендии за студентите на насоките Рударство и Геологија и пет за студентите на насоката Инженерство за заштита на животната средина.