Започна Меѓународниот гастрономски фестивал организиран од ФТБЛ

Над 90 ученици од средните угостителски училишта во земјава и студентите од Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип и од Косово денеска се натреваруваа во рамките на четвртиот Меѓународен гастрономски фестивал „Cook and Serve 2019“.

Претседателот на организацискиот тим на фестивалот Нако Ташков вели дека фестивалот е во организација на штипскиот Факултет за туризам и бизнис логистика, а учесниците имаат за да задача да ја покажат својата креативност и сѐ што научиле во своите училишта и факултети. Фестивалот трае два дена, а утре во ресторан „Канал 77“ - Штип ќе се приготвува шопска салата за светски рекорд.

  • Утре сакаме Штип да го претставиме во светло издание. Знаеме дека Штип е прочуен по пастрамајлијата. Но, ние утре сакаме со Радио-кафе „Канал 77“ да направиме еден светски рекорд во приготвување на шопска салата. Сметам дека светскиот рекорд кој ќе го постигнеме ќе им даде едно поголемо значење на градот Штип и на нашиот факултет - вели Ташков.

Се очекува да се направи шопска салата која ќе тежи околу 300 килограми. За да се реализира овој предизвик во него ќе учествуваат 15 студенти, ученици, професори и вработени во ресторанот „Канал 77“.

Продуктите, односно крставиците и доматите се обезбедени од оранжерии „Еко Оаза Самантов“ - Штип, пиперките од струмичкиот регион, сирењето е малешевско и е од млекарницата „Зегин“ во Берово, а маслото за јадење од „Витаминка“, односно штипски „Брилијант“.

  • Нашиот резултат ние ќе го регистрираме, по што ги предизвикуваме нашите идни колеги да размислуваат и да се натпреваруваат. Досега Охрид го држи рекордот со 220 килограми шопска салата, а претходно беше Бугарија - вели Ташков.

Идриз Ковачи од Факултетот за туризам во Косово вели дека учеството на овој меѓународен фестивал ќе им помогне во собирање на искуства, имајќи предвид дека тие се млад факултет.

  • Имаме голема помош од Факултетот за туризам и бизнис логистика во Штип. Искуствата и знаењето што ни ги пренесуваат се од особено значење, бидејќи во Косово угостителството не е толку развиено - вели Ковачи.

Шопската салата за светски рекорд почнува да се приготвува утре од 10.30 часот, а учесниците велат дека очекуваат да завршат околу 16 часот.

Штип, 10 мај 2019 (МИА)

Последен пат изменето на Петок, 10 Мај 2019 14:22
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…