На почеток на месец септември, со почитување на здравствените протоколи со тренинзи започнаа машката и женска одбојкарска екипа, екипите во кошарка и пинг-понг. Условите и термините во спортската сала се адаптирани согласно со протоколите, со цел заштита на здравјето на спортистите. Новата натпреварувачка сезона екипите ја започнуваат со нова спортска опрема обезбедена од Универзитетскиот спортски и културен центар. Дополнително, опрема е обезбедена и за потребите на студентските спортски екипи кои се натпреваруваат на државни и меѓународни универзитетски натпревари. Поддршката за спортистите е засилена и во делот на стипендирање, односно од стипендиите кои оваа година УГД ги додели на новите студенти, две се наменети за спортисти во рамките на клубовите.
Паралелно се одвиваат и подготовките за наставата по Спорт и рекреација. Согласно со препораките и насоките, истата се планира да се реализира хибридно, со физичко присуство на отворено и како онлајн часови кои во реално време ќе се реализираат со групи студенти кои ќе ја изберат онлајн опцијата. Моменталната наставна програма ќе биде адаптирана на новите услови и збогатена со нови содржини. Во тек се подготовки на програми за студентите од останатите студиски програми, како и за вработените со цел да се обезбеди поддршка во сегментот на физичката активност чие значење е особено важно во услови на онлајн настава која подразбира и продолжено седење и намалено движење.