Студентите од УГД ќе имаат можност за пракса во француски претпријатија

Амбасадорката на Франција во Република Македонија Лоренс Оер денес го посети УГД со цел интензивирање на соработката меѓу двете институции.

- Ова е прва моја посета со вашиот нов ректор и навистина ми е задоволство што сум овде и во придружба на проректорот на УГД, кој ќе биде надлежен за соработката со Франција. Овде сум да ја изразам нашата желба за што попродлабочена соработка со штипскиот универзитет којшто е модерен универзитет, универзитет кој поседува најсовремена технологија, но и искуство во меѓународната соработка.истакна амбасадорката Лоренс Оер

Амбасадорката на Франција посочи и конкретни чекори кои можат да се преземат во насока на соработка меѓу двете институции, но и со останатите француски институции.

- Дојдени сме да претставиме посебна програма која сакаме да ја унапредиме. Станува збор за упатување на практикантска работа на студенти во голем број француски претпријатија. Тоа е нешто што сакаме да го развиваме, затоа што од многу француски претпријатија коишто имаат претставништво во Скопје постои заинтересираност да прифаќаат студенти на практикантска работа. Тоа можеме да го направиме преку програмите Еразмус плус, преку Франкофонијата, но и преку посебна соработка што ќе ја воспоставиме со УГД.изјави амбасадорката Лоренс

Ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев истакна дека Универзитетот и до сега има одлична соработка со Француската амбасада во РМ, но и дека Универзитетот е отворен за праќање на свои студенти на практикантска работа во Франција.

- Ние денес разговараме за конкретни соработки што треба да уследат во делот на практикантската работа на студентите во различни претпријатија во Франција. Тоа е исклучително важно за нашите студенти за развој на нивната кариера, но и да добијат работа во некоја од престижните француски компании. Соработката со Франција за нас како универзитет е исклучително важна и ние ќе ја поддржуваме со исклучително големи ресурси. Во таа соработка го вклучуваме врвното раководство на Универзитетот, а тоа е проректорот за настава со што сакаме да дадеме тежина на оваа соработка.изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев

Амбасадорката на Франција беше придружена од советничката за култура и техничка соработка Изабел Марки-Барбо, која истакна дека соработката може да се одвива и на ниво на универзитети.

- За сите студенти од штипскиот универзитет ќе кажам дека француските универзитети се расположени да примаат студентите од прв или втор циклус студии од областа на правото, економијата, туризмот, но и техничките факултети. Знаете дека техничките факултети и универзитети се едни од најдобрите во светот и стојат на располагање да прифатат студенти на мастер во Франција, но и студенти на практикантска работа.истакна Изабел Марки-Барбо

Оваа соработка денес беше потврдена на заедничката средба меѓу раководството на УГД со амбасадорката на Франција која беше во посета на Универзитетот.

Последен пат изменето на Четврток, 26 Ноември 2015 15:42
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…