Студентот Ненад Јованов: во текот на моето студирање имав можност да учам од извонредни професори

1.Кој беше главниот предизвик при изборот на твојата идна професија?

За многумина изборот на професија претставува тежок момент, период на размислувања, предомислувања, анализирања, споредувања... Во мојот случај не беше така. Мојата професија јас ја избрав уште како осмоодделенец. Вродениот талент за пеење, музикалноста и артистичкиот дух коишто ги поседувам без никакво двоумење ме упатија кон оперското пеење. Синтезата помеѓу создавањето уметност, глумата и пеењето совршено се вклопи во она што за мене значи „професија“, личен избор, начин на живеење, поле на коешто најубаво се чувствувам и се доживувам онака како што отсекогаш сум сакал. Поголем предизвик од тоа да го работиш она што најмногу го сакаш – не постои. Така што, уште од деновите кога бев средношколец, мојата професија веќе беше позната, утврдена, маркирана, а мојот животен пат трасиран.

2. Кои се предностите при студирањето на УГД?

Веројатно ги има многу. Генерално, тоа е голема олеснителна околност за младите кои живеат во источниот дел на Македонија. На тој начин им е овозможено да бидат во близина на своите домови, а истовремено да го живеат и студентскиот живот. Се разбира, голема предност е и широкиот спектар на факултети, па секој млад човек ја има шансата да избира и да се одлучи за она што нему најмногу му одговара. Тука се и звучните професорски имиња кои ја надополнуваат целата приказна и му даваат печат на целиот Универзитет. Тоа се многу важни елементи кои се истовремено и основа, но и голем плус кога станува збор за еден релативно млад универзитет кој успешно, низ текот на годините, ја гради својата традиција.

3. Кога би можел да направиш некоја промена за подобар квалитет на студентскиот живот, која би била таа промена?

Моето образование на УГД заврши пред три години, меѓутоа како млад човек кој сѐ уште студира и ги има вкусено студентските денови во Штип, би било себично ако не дадам неколку идеи и лични мислења. Најпрвин, сигурен сум дека за овие три години многу нешта се променети на подобро. Искуството си го прави своето, а и времето. Постојано сум информиран за тоа што таму се случува, затоа што студентските денови за мене значат нешто посебно. Тоа е една приказна која никогаш нема да ја заборавам, а верувам дека е така и за секој човек кој некогаш бил студент. Сепак, постојат некои важни нешта кои би требало да бидат експресно овоможени. Кога велам експресно мислам на тоа дека нема потреба од многу размислување и одолговлекување. Еве, на пример, би посочил дека во Штип, како центар на Источна Македонија и лулка на Универзитетот „Гоце Делчев“, нема доволно студентски домови. Модерното време постојано нѐ гази и треба да земеме пример од другите земји и на секој студент кој одлучил да живее и студира во Штип да му се овозможи пристоен покрив над главата. Дури би било идеално доколку се изгради студентски град -населба, дел од градот каде што би живееле само студенти кои со убаво осмислена шема на автобуски линии успешно и лесно би се поврзувале со своите факултети и центарот на градот. Тоа е една моја идеја, во која ги сместувам и сите придружни нешта кои се неопходни за убав студентски живот: спортски центри, објект во кој би се собирале за да комуницираат меѓусебно, да дебатираат на разни теми... Од уметничка гледна точка дури и објект во кој студентите ќе организираат сопствени изложби, игранки, аматерски театарски претстави, музички и поетски вечери, клуб за читање, библиотека... Базени кои ќе бидат активни во текот на целата година... На крај, убава е и идејата студентите да уживаат поголем број попусти. Да се направи систем во соработка со Министерството за образование и наука, кој ќе им овозможи на студентите да добиваат бонови со коишто ќе имаат можност да се хранат за поевтини цени, поевтини билети за превоз. Специјална категорија „студентски билети“ за театар, концерти... Во поглед на ноќниот живот и забавата, сметам дека во Штип, конкретно, таа гранка е многу добро развиена. Идеи секогаш има во голем број, така што списокот е бесконечен. Доволно е да се започне со едно, па понатаму секој следен чекор ќе биде многу полесен.

4. Кој е твојот најинспиративен професор?

Во текот на моите студии имав можност да се сретнам, да се запознаам и да работам со голем број извонредни луѓе кои во тој период за мене многу значеа и ми даваа неизмерен поттик за работа, учење и лично унапредување. Неблагодарно би било да издвојувам имиња, едни да истакнувам, а други да фрлам во сенка...

5. Како се справуваш со тремата пред испит?

Не постои студент кој нема трема пред испит и лаже оној кој ќе каже дека не е така. Така е, зашто испитите се голема одговорност. Секој сака да го покаже своето знаење пред професорот/комисијата. И секој сака да го скрие своето незнаење/неподготвеност. Во тие години младиот човек како единка се соочува со голем број „слатки“ проблеми. Тоа е период од животот кога откриваме нови хоризонти и сѐ околу нас сметаме дека заслужува големо внимание. На тој начин можеби се оддалечуваме од квалитетното учење, иако многумина ја знаат магичната формула на кој начин да бидат присутни, активни и успешни во секое животно поле (љубов, студентска работа, ноќен живот, забава, студирање, испити...) Ќе си земам за право да се сместам во втората категорија. Секогаш наоѓав начин успешно да ги положам испитите, без оглед на тоа дали сум бил доволно одморен, дали сум имал некои други обврски на кои сум морал да дадам посебен акцент, без оглед на тоа дали сум имал бурна ноќ и утрото пред испитот ми било тешко. Верувајте, трудот се исплати. И никако не постои откажувањето. Упорноста вложува со добри резултати, а оној кој е упорен и се труди не смее да дозволи тремата да го убие сето тоа. Да, лесно е тоа да се каже од некој кој сето тоа го има поминато и разбирам колку им е тешко на студентите кои допрва ги очекува огромен број полесни и потешки испити, но... Кажувам од аспект на човек кој постојано се соочува со таа дилема: и јас, ден-денес, пред да излезам на сцена можам да бидам возбуден и растреперен. Но, тоа е таа „слатка“ позитивна трема. И треба да биде присутна, зашто без неа не би било сѐ така интересно и посебно магично. Тие моменти доживотно се паметат.

6. Како го поминуваш времето по предавањата, имаш ли хоби?

Со оглед на тоа дека сѐ уште сум студент, автоматски треба да верувам дека тој студентски начин на живеење за мене сѐ уште трае. Но, не е баш така... Со текот на годините созреваме и се претвораме во сериозни личности, индивидуи кои малку поинаку гледаат на животот и иднината. На целата забава и лесниот начин на живеење веќе гледаме со поинакви очи, на животот му приоѓаме со многу посериозен пристап. Моите предавања никогаш не биле од во големи групи, каде што има многу студенти и врева. Секогаш биле индивидуални, а најголемата група на студенти-колеги со којашто се соочувам е составена од максимум 8-10 луѓе. За мене тоа е голема олеснителност. Секое време поминато на предавање е време посебно само по себе, креативноста е секогаш присутна, насмевките се секогаш тука... А кога еден студент-уметник ја има можноста на секое предавање да твори, тогаш сѐ е некако полесно. Можеби предавањата не ја црпат мојата енергија, па ми останува доволно слободно време во текот на денот кое секогаш се трудам да го потрошам на вистински начин или барем онака како што јас сметам дека треба. Мојата професија бара секојдневна посветеност, па така голем дел од слободното време повторно го поминувам во вежбање пеење, учење нови композиции и утврдување на старите. Но, надвор од таа професионална рамка читам многу книги и сум голем филмоман. Гледам многу филмови. Пишувам поезија и проза, а често знам и да си играм со бои, па се шегувам дека наскоро би можел да ја направам и својата прва изложба. Останатото време, веројатно, е слично како и кај секој друг студент: дружење со колегите, дружења на кафе, чајанки. Во последно време малку поретки се ноќните излегувања, ама тоа е, ќе се навратам пак, резултат на личното созревање и новите, посериозни погледи на животот. Сѐ во свое време.

7. Колку, според тебе, е важно дружењето со колегите на паузите помеѓу предавањата?

Многу. Тоа е многу важно. Додека бев студент на УГД не поминуваше ден без да бидам заедно со моите омилени колеги и колешки. Ние бевме една голема фамилија, во буквална смисла на зборот. Знаевме сѐ еден за друг, заедно се радувавме, заедно тагувавме. Заедно се потресувавме околу проблемите при студирањето, заедно славевме кога некој од нас ќе доживееше успех. Заедно јадевме, заедно се досадувавме, заедно се забавувавме... Со некои од нив дури и заедно живеевме. Е, токму тоа е за мене вредноста на успешниот студентски живот. Тоа е нешто што никогаш нема да го заборавам. Кога раскажувам за тие златни денови секогаш се навраќам со огромна доза на позитивност и големи насмевки. Не можам да скријам дека сето тоа неверојатно многу ми недостига, но свесен сум дека никогаш повеќе нема да се врати. Затоа, на сите сегашни студенти ќе им порачам да се потрудат сите негативни страни да ги фрлат во сенка и да се посветат на тоа секој нов ден од студентскиот живот да го поминат во насмевки и добра забава со своите колеги. Верувајте ми, тоа е огромно животно богатство. На тој начин не само што ќе се забавувате, туку и ќе споделувате едни со други различни искуства од професионалниот свет, од студирањето и од предавањата и многу полесно ќе ги пребродите сите тешкотии кои секогаш ќе ви излегуваат на патот, но решавањето на истите е многу послатко и полесно кога е споделено.

8. Каде се гледаш себеси по пет години?

Кога истово ова прашање ми беше поставено пред пет години, не бев ниту најмалку свесен дека денес ќе бидам она што сум. Така што, ќе кажам дека времето и иднината не можеме да ги планираме. Животот се случува. Непредвидлив е. Ние можеме само да ги филуваме нештата кои ни се предодредени на начин кој сметаме дека е најдобар за нас. Некогаш тоа го правиме на правилен, некогаш, за жал, на неправилен начин. Но, на крајот од денот, тоа е животот... Предизвици, успеси, падови... По пет години... Па тоа е многу време, иако знам дека многу бргу ќе помине, секогаш е така. Би сакал да бидам свој човек. Успешно да ја работам работата што ја сакам. Овој одговор честопати сум го давал и чудно е тоа што секогаш останува ист, непроменет: се гледам на голема сцена, во голема златно-црвена сала со тешки кадифени завеси и светлосен зрак од рефлектор кој паѓа врз мене, додека јас пеам и на сите им раскажувам што тоа за мене значи. Додека со сите споделувам дел од мојата енергија и им кажувам дека во животот секогаш треба да се слуша срцето и да се работи она кое што од срце се сака, без туѓи мислења, без надворешни влијанија... Здравје, пред сѐ, тоа е најважно. На другите нешта ќе им препуштам да се случуваат спонтано.

Последен пат изменето на Четврток, 31 Март 2016 14:27
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…