Откриена причината за чувството на „натприродно“ присуство

Чудното чувство дека има некој до нас, зад нас или блиску до нас, а всушност нема никој, ни е познато на сите, дали од причина што сме го почувствувале или пак од многубројните приказни за духови. Сепак, тоа претставува само обид на нашиот мозок да им даде смисла на контрадикторните информации.

Првпат тим од научници во Шведска ги идентификувал региите во мозокот кои се одговорни за таквите халуцинации и предизвикуваат чувство на натприродно присуство кај здрави луѓе.

Оваа состојба, наречена „чувство на присуство“, нема визуелна компонента. „Оваа состојба е мистична“, вели Олаф Бланке од Државниот институт за технологија во Шведска. „Убедени сте дека има нешто, но не гледате ништо и не слушате ништо“.

Проучувајќи луѓе со епилепсија, кои изјавиле дека почувствувале некакво присуство, тимот на Бланке открил оштетувања на три регии од мозокот: темпоропариеталниот спој (TPJ), инсулата и фронталниот париетален кортекс. Според тоа, тој смета дека чувството на присуство е резултат не само на нарушувањето на интеграцијата на надворешните и внатрешните дразби, туку и на сигналите поврзани со движењето, кои се обработуваат во фронталниот париетален кортекс.

Тие спровеле истражување со робот за да видат дали би можеле да ги нарушат нормалните функции на мозокот и да предизвикаат чувство на присуство. Роботот имал два дела: господар и роб. Во истражувањето учествувале и волонтери на кои им биле врзани очите и требало со една рака да ја движат раката на роботот-господар. Ова предизвикало роботот-роб, кој се наоѓал зад нив, да се движи. Всушност, со движењето на раката на роботот-господар предизвикувале роботот-роб да ги допира по грбот. Роботот-господар, пак, давал повратен одговор со тоа што применувал сила којашто волонтерите можеле да ја почувствуваат на своите прсти.

„Присуството“ го почувствувале кога роботот-роб почнал да се движи со задоцнување од 500 милисекунди, со што движењата на рацете на волонтерите не биле синхронизирани со допирот на нивниот грб. Од седумнаесет луѓе, петмина изјавиле дека чувствуваат присуство зад нив, без никој да ги праша. Тоа значи дека илузијата е прилично впечатлива.

Се чини дека мозокот, збунет од несовпаѓањето на внатрешните телесни сигнали кои се однесуваат на движењето на рацете и несинхронизираното чувство на допир на грбот, го предизвикал чувството дека има некој зад нив. Овој експеримент покажува дека илузијата се случува кога луѓето имаат нарушено чувство дека предизвикуваат телесни движења.

„Нарушувањето може да е присутно кај лицата со шизофренија и го објаснува фактот што тие им ги препишуваат своите постапки на други „замислени“ лица, вели Џудит Форд, експерт за шизофренија на Универзитетот во Калифорнија, во Сан Франциско.

Научниците потврдуваат дека овој аргумент и експеримент кој користи роботи за да објасни сложен психијатриски феномен е убедлив и може да објасни зошто луѓето со шизофренија или епилепсија чувствуваат туѓо присуство, исто како и планинарите кои често изјавуваат дека се придружувани од присуство на т.н. „трето лице“.

Социјалната изолација и екстремниот стрес може да го предизвикаат истото, што го објаснува фактот дека луѓе најчесто „чувствуваат присуство“ кога се сами или вознемирени. Тие не гледаат ниту чувствуваат натприродни нешта, тоа е само нивниот збунет мозок.

Извор: http://enauka.mk

Последен пат изменето на Петок, 27 Мај 2016 11:47
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…