- Синдром Капгра
Овој синдром се карактеризира со халуцинации, односно верување дека некој близок – пријател, роднина, сопруг или сопруга, па дури и милениче, е заменет со некој натрапник кој изгледа идентично. Халуцинациите може да се однесуваат само на едно лице или пак на повеќе, и тоа може да се одвива хронично, односно постојано или пак во привремени епизоди. Еден случај од 1991 години опишува 74-годишна жена која верувала дека нејзиниот маж е заменет со друг маж. Таа одбивала да спие со него, ја заклучувала вратата навечер и дури побарала пиштол од сопствениот син за да се заштити од натрапникот. Ова се случувало само со нејзиниот маж, додека другите членови од семејството ги распознавала без проблем. Докторите користеле неколку документирани случаи на овој синдром за да ги истражат можните третмани и причини за таквата заблуда, но досега немаат соодветни одговори. Некои сметаат дека се работи за едноставно нефункционирање на процесите за препознавање во мозокот поради штета предизвикана од мозочен удар, преголема доза на дрога или некој надворешен фактор. Други сметаат дека проблемот лежи во потсвесниот емоционален одговор на познатите лица.
Оваа состојба може да се јави истовремено со други ментални нарушувања, најчесто со шизофренијата, и често се појавува кај лица со невродегенеративни заболувања.
- Аутофагија
Иако оваа состојба не е конкретно категоризирана во дијагностичкиот и статистичкиот прирачник за ментални нарушувања, може да се класифицира како генерален импулсивен проблем со контролата, односно неможност да се контролира поривот да се направи нешто што е штетно за себеси или за другите. Во случајов, јадење на сопственото тело.
- Синдром Котар
Овој синдром уште познат и како синдром на жив мртовец е ретка состојба на халуцинација каде што лицето верува дека е мртво. Во некои варијации, луѓето веруваат дека тие не постојат или, пак, дека ја изгубиле крвта или органите. Францускиот невролог Жил Котар, според кој и овој синдром го добил името, го третирал првиот документиран пациент кој не јадел и не гледал поента во тоа бидејќи немал органи и бил „вечно проколнат“. Пациентот починал од глад. Можните причини за овој синдром се протегаат од несакани реакции од дрога до нервни нарушувања во амигдалата. Неколку случаи се успешно третирани со лекови и електроконвулзивна терапија, а кај други симптомите едноставно исчезнале сами по себе.
- Нарушување на идентитетот и интегритетот на телото
Ова нарушување претставува неподносливо верување на лицето дека некој дел од телото не му припаѓа и потреба да се отстрани, односно потреба на некој начин да се биде хендикепиран. Така на пример, едно сосема здраво лице може да посака да му биде ампутирана ногата бидејќи чувствува како да не му припаѓа. Експертите го опишуваат ова како несовпаѓање на менталната слика за телото и физичкото тело и, исто како и за претходните нарушувања, тие не се сигурни што го предизвикува и зошто се манифестира на различен начин кај различни луѓе. И ова нарушување е премногу ретко за да го добие потребното внимание и средства за истражување.
Извор: http://enauka.mk