Постоењето на толку мала бактерија е предмет на дебата веќе две децении, но досега не постоеше сеопфатна електронска микроскопија и опис на ДНК на микробите. Клетките имаат просечен обем од 0,009 кубни микрони (еден микрон е милионити дел од метарот). Околу 150 вакви бактерии би можеле да се сместат во клетката на Escherichia coli, а повеќе од 150 илјади на врвот на човеково влакно.
Бактериите се пронајдени во подземните води во Рифл, Колорадо, и се смета дека се доста чести. Тие се најмалите клетки кои воопшто може да се одржат во живот. Имаат густи спирали, кои најверојатно се ДНК, и додатоци во форма на конец, наречени пили, кои најверојатно служеле за да се поврзат со други микроби. Овие бактерии немаат многу од основните функции, па најверојатно се потпираат на други бактерии за да преживеат. Тие се дел од три вида микроби кои малку им се познати на научниците.
„Не ја знаеме функцијата на половина од гените што ги пронајдовме во организмите“, истакнуваат научниците. Нивното проучување би можело да ја објасни улогата на микробите во климата, храната и водата, како и други клучни процеси.
Наодите се објавени во „Nature Communications“.