Според деканката на ФОН, проф. д-р Соња Петровска, ова е настан во кој се вклучуваат сите педагошки факултети од Р.Македонија:
Ако сите ние 20 години од својот живот го минуваме во училиште, тогаш нема дилема дека училиштето има исклучително големо влијание врз индивидуалниот и општествениот развој. Денеска учителите се соочени со парадоксите на 21 век, всушност во светот глобализацијата налага справување со вредности кои отсекогаш не биле значајни за развојот на поединецот, па и за развојот на општеството, а учителите треба да се справат и со тие предизвици изјави проф. д-р Петровска.
Со свој говор учествуваше и Јованка Кокошкарова, учителка во ОУ „Ванчо Прке:
Како наставници се справуваме со сите предизвици што ни ги носи нашиот образовен систем. Учителот што си ја сака работата ќе мисли прво на својата работа, а понатаму за сѐ друго – социјална страна, плати, има луѓе кои за тоа треба да мислат. Сѐ е важно, но како учител велам дека прво ние сме за учениците и секогаш треба ученикот да ни биде на прво место, па потоа сѐ останато.Јованка Кокошкарова
Билјана Димковска е постдипломец на ФОН, но истовремено и личност која по десетина години во државниот образовен систем основала Центар за неформално образование „Призма“ во Куманово. Вели дека ѝ е драго што може да сподели искуства со помладите кои сакаат да се реализираат себеси во областа на образованието:
Ако тргнеме од условите во училиштата, секогаш има простор за подобрување на истите, обемните наставни планови и програми, професионалниот и кариерен развој на наставниците, неусогласената законска регулатива во делот на образованието и кариерниот развој на наставниците, вреднувањето, оценувањето на знаењата, способностите, вештините на учениците, сето тоа прави системот да биде на некој начин помалку функционален од што би требало и што заслужуваат помладите генерации. Пред нас се доста предизвици и ние би требало да ги искористиме сите расположливи ресурси, пред сѐ човечки потенцијал. Ние имаме извонредни професори од нашите педагошки факултети кои можат да се насочат кон изготвување на програми за професионален развој на кадарот кои ќе бидат акредитирани, наши, а не само пресликување на туѓи искуства како што имавме досега, низ обуки и семинари. Комплексна е целата материја, но наше е да работиме на тоа дека можеме да ги подобриме нештата изјави Димковска.
На манифестацијата учествуваа и студенти, кои во иднина себеси се гледаат во образовниот процеси и тие ги кажаа своите очекувања:
Сите ние, студентите, имаме свое мислење за тоа како учителите го менуваат светот, односно своја замисла како идни учители, професори, како ние би го мениле светот. Јас, на пример, сѐ што знам и што ќе научам ќе се потрудам најдобро што можам да го пренесам на учениците пред кои во иднина ќе предавам, со цел тие да станат подобри и од мене изјави Јана Димитровска, студентка на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
На манифестацијата настапија и членовите на Театарското студио „Гаврилов“.