(Видео) „Меѓу чаршијата и црквата“ во чест на 200 години од „Чудеса пресвјатија Богородици“ на македонски јазик

Со предавање на тема „Меѓу чаршијата и црквата“, Филолошкиот факултет при УГД ја одбележа 200-годишнината од првото печатено издание на првата антологија на европскиот и светски расказ на македонски народен јазик „Чудесата на пресветата Богородица“ од Јоаким Крчовски. Предавањето го одржа проф. д-р Димитар Пандев, редовен професор на УКИМ.

  • Ова предавање има големо значење за нашите студенти, бидејќи ние како Филолошки факултет пред сѐ треба да го цениме и сакаме нашиот мајчин јазик, а еден таков љубител на македонскиот јазик е нашиот денешен гостин проф. д-р Димитар Пандев, чија главна опсесија е љубовта кон славистиката и кон македонскиот јазик. Тој кажува дека македонскиот јазик е многу богат, и на него може да се твори и да се пишуваат многу книги. Филолошкиот факултет особено ги цени чувството и љубовта кон пишаниот збор – изјави доц. д-р Драгана Кузмановска, декан на Филолошкиот факултет.

Според проф. д-р Пандев, „Чудеса пресвјатија Богородици“ е најчитаната книга не само во Македонија, туку и пошироко во 19 век, особено во словенскиот дел, односно јужнословенскиот дел на тогашна европска Турција.  

  • Особено е значајно што оваа книга излегла токму на македонски  народен јазик, објавена е во Будим, со поддршка на македонските трговци, кои биле особено горди на оваа книга. Еден од нив со воодушевување ја чекал книгата да излезе од печатницата во Будим и направил свој запис за тоа, со кој го одбележал точниот датум на излегување на книгата, а тоа е 23 мај 1817 година. Оваа книга ќе доживее пет изданија во текот на 19 век, а ќе биде препишувана и рачно. Всушност, оваа книга е антологија на чудата на пресвета Богородица, а кога велам антологија го имам предвид и основното значење на овој збор, а тоа е „цветник“, а всушност таа кореспондира и со една италијанска книга, „Фиоре ди вирту“, која буквално се преведува како „Цветник“. Двете книги се поврзуваат со една книга што е печатена на грчки јазик во Венеција во 1641 година, „Мартолом сотирија“, чиј претходен дел е исто така објавен од нашиот Јоаким Крчовски. Со тоа можеме да кажеме дека Крчовски можеме да го поставиме во еден широк европски контекст, токму на вкрстувањето на византиската и италијанската книжевност, бидејќи токму преку неа доаѓаат и оние одгласи од шпанската и провансалската книжевност. Од сето тоа Јоаким Крчовски направил една своевидна антологија и ја приспособил кон македонскиот автор – изјави проф. д-р Димитар Пандев.

 

Последен пат изменето на Четврток, 20 Април 2017 15:04
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…