УГД ги претстави можностите за студирање пред прилепчани

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип организираше Отворен ден на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп, на кој ги претстави своите програми и студии пред средношколците. Според проректорот за настава проф. д-р Кирил Барбареев, Отворениот ден има за цел да го доближи Универзитетот до потенцијалните средношколци.

- Универзитетот има свои наставни центри, а Прилеп е еден од сериозните наставни центри кој има студиски програми од Факултетот за природни и технички науки и од Земјоделскиот факултет со 7 студиски програми. Идејата беше денес средношколците да се запознаат со потенцијалите на Универзитетот и да направат избор за еден од факултетите. Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип има 12 факултети, 3 академии, има околу 5 500 слободни места, а наставата се одвива во 4 центри. Моментално Универзитетот запишува 2 300 студенти и очекуваме таа бројка да се зголемува во периодот што доаѓа. Оваа образовна установа постои 10 години и низ неа поминале 30 000 студенти, а моментално се активни 12 000 студенти од сите градови во Македонија - истакна проф. д-р Кирил Барбареев, проректор за настава на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Универзитетот планира развој на наставниот центар во Прилеп, бидејќи поголем дел од енергетските потенцијали се наоѓаат во западниот дел на Македонија. Студиските програми од рударство, геологија, од другите природни и технички науки, земјоделските науки се сериозна потреба на регионот.

- Оваа година имаме нов концепт на претставување на нашите програми и можности за запишување. Лани одевме по средните училишта каде што директно ги претставувавме нашите студиски програми, а сега малку потранспарентно тука на плоштадот сакаме да ги претставиме нашите студии - рече проф. д-р Љупчо Михајлов, декан на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Последен пат изменето на Четврток, 11 Мај 2017 12:49
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…