Целта на оваа теренска настава во странство беше посета на Меѓународниот саем за туризам во Белград, кој воедно е најголем и најпосетен саем од овој карактер во Источна Европа со 40-годишна традиција. На Саемот за туризам имаше бројни претставници од туристичката индустрија, како национални туристички организации, туристички агенции, хотели, угостителски објекти, спа центри, општини, занаетчии, факултети за туризам, производители на храна и пијалаци, производители на угостителска опрема и технологија од целиот свет и др. На саемот се одржа и Меѓународна конференција за персонален брендинг во туризмот со еминентни предавачи од туристичкиот бизнис, каде што учество зедоа професори и студенти од ФТБЛ.
Студентите од УГД, покрај посетата на Саемот за туризам, го разгледаа и градот Белград со локални туристички водичи (улицата „Кнез Михајлова“, Белградската тврдина, Калемегдан, стадионот на „Црвена ѕвезда“, Дедиње, храмот „Св. Сава“ и др.) Во рамките на теренската настава го посетија хотелот „Хајат“, кој е еден од најпрестижните светски хотелски синџири, каде што менаџерскиот тим на хотелот ги запозна студентите со технологијата на хотелско и ресторанско работење и дополнителните услуги што ги предлага објектот.
Студентите ги посетија и ноќните клубови (сплавови) во Белград за да се запознаат со туристичката понуда за забава и ноќниот живот во градот. Исто така, тие го посетија и Трговскиот центар „Ушче“, кој е најголемиот трговски центар во Белград и дел од понудата за шопинг туризам во градот. Студентите на оваа теренска настава беа придружувани од професорите Дејан Методијески и Оливер Филипоски.