- Првиот настан е одбележувањето на патронатот на УГД - 27 март, кој ќе се одржи на 27 март во 12 часот во Мултимедијалниот центар на УГД. На тој настан обраќање ќе имаат министерката за образование Рената Дескоска и ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев, а ќе им бидат доделени дипломите и признанијата на најдобрите дипломирани студенти. Дефинирана е и програмата која е во рамките на концептот Наука за живот, а настап ќе имаат и Влатко Стефановски, Антонијо Китановски и Никола Ристаноски. Покрај тој главен настан, во тие денови ќе има и настани од факултетите и Одделот за издавачка дејност. Така, на 26 март ќе се промовира целокупната издавачка дејност на Универзитетот, Ќе се промовира и донација од страна на професорот Тодор Кралев, кој ќе донира свои дела и литература на Машинскиот факултет при УГД. Тогаш ќе им бидат доделени и дипломите на двајца доктори на науки - изјави проректорот за настава на УГД, проф. д-р Кирил Барбареев.
На 13 март на Кампус 2 (УГД) ќе се одржи Отворен Еразмус плус ден, каде што ќе бидат промовирани можностите на оваа програма за размена на студенти, преку која 60 студенти ќе имаат можност да заминат три месеци во некој европски универзитет.
Музичката академија во наредните 20-30 дена ќе има неколку настапи планирани во централното градско подрачје и во некои од локалите во Штип.
На 23 март во посета на УГД ќе дојдат студенти од Универзитетот во Софија, како и од универзитетите во Република Македонија, на спортски натпревари во екипна конкуренција (ракомет) и во поединечни спортови (карате, пинг понг и др.).
- Правниот факултет годинава во рамките на одбележувањето на денот на УГД организира еден од своите најдобри настани - Ораторските вечери, а годинава ќе можат да се вклучат и средношколци од гимназиите од целата држава. Факултетот за информатика организира Хакатон, на кој за екипите кои ќе понудат најдобри решенија на тема „Здравство и медицина“ се предвидени високи парични награди. Две конференции ќе бидат дел од активностите – ФОН ја организира по вторпат конференцијата „Учителите го менуваат светот“, каде што средношколците заедно со студентите и нивните ментори од педагошките факултети ќе кажат што треба да се промени за да се подобри општествено-економскиот статус на учителската професија. Филолошкиот факултет заедно со средните училишта организира конкурс поврзан со мајчиниот јазик, а планирана е и Недела на француски филм, во периодот од 30 март до 5 април – вели Барбареев.
Се прават напори и Штип и УГД да бидат домаќини на Шер фестивал, на кој десетина врвни академии од Европа во периодот од 19 до 21 април ќе дојдат во Штип, ќе се организираат работилници, вечерни настапи на модерен танц, балет. Предвидени се театри од Литванија, Словачка, Австрија, Словенија, а за организацијата сме во контакт со Рисима Рисимкин, по што точно ќе биде утврдена програмата. Сигурно е дека повеќе од 150 врвни европски танчери ќе присуствуваат во Штип. Ликовната академија, исто така, ќе биде вклучена во настаните, со изложби, соработки со галерии, културни центри, изложби на студенти, професори...
УГД веќе започна со активности за промоција и претставување пред средношколците, а во април и мај ќе има настапи во своите центри – Кавадарци, Струмица, Прилеп и Скопје, како клучни центри каде што има сериозен број на студенти, за да се доближат можностите што ги нуди УГД за средношколците кои ќе се запишат на студиските програми.