УГД и Музеј на Македонија потпишаа Договор за соработка

Универзитетот „Гоце Делчев“ и НУ Музеј на Македонија ќе ја унапредат својата соработка на повисоко ниво. За таа цел, ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев и в.д. директорот на Музеј на Македонија Гордан Николов потпишаа Договор за соработка. Според нив, Договорот е од големо значење за двете установи.

Музејот на Македонија со години има одлична соработка со УГД и можноста што ја имавме досега ја реализиравме, а сега и официјално ја продолжуваме. Музејот на Македонија официјално се вклучува во образовниот процес на Универзитетот и со тоа имаме една поширока и поголема можност за соработка на домашни, но и на меѓународни проекти кои ќе ги реализираме во партнерство – изјави Гордан Николов, в.д. директор на Музеј на Македонија.

Ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, изрази благодарност до директорот на Музеј на Македонија што издвои време да дојде на УГД и да се потпише Договорот за соработка.

Со Договорот ја продолжуваме и унапредуваме досегашната соработка во рамките на она што значи културно наследство на Република Македонија и она што е сегашно творештво во делот на авторите кои творат во културата. Во насока на отворање на Универзитетот кон општествената заедница ова е чин на отворање кон Музејот на Македонија и, се разбира, нашите студиски програми во делот на историјата и археологијата, од една страна, и ликовната уметност, од друга страна, ќе дадат голем придонес во поддршката на оваа соработка со Музеј на Македонија. Мислам дека и студентите и сите оние кои творат во културата ќе имаат голем придонес од оваа соработка – изјави ректорот Боев.

 

Последен пат изменето на Четврток, 15 Март 2018 14:19
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…