Соработка меѓу НБРМ и УГД

Универзитетот „Гоце Делчев“ потпиша Меморандум за соработка со Народната банка на Република Македонија. Гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, и ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, се заложија на соработка во областа на науката и истражувањата.

Со имплементирање на предвиденото во Меморандумот се очекува во претстојните пет години двете институции да соработуваат преку организирање средби, тркалезни маси и советувања. Со Меморандумот е предвидено Народната банка и Универзитетот да соработуваат и преку содејствување во организација на семинари и работилници, како и да овозможат интеракција на истражувачите од двете институции во каква било форма на соработка во научно истражување коешто е во врска со извршувањето на задачите и целите на двете иституции.

Во текот на изминатиот период, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип имаше плодна соработка со Народна банка на Република Македонија. Имено, во 2017 година и во 2016 година беа реализирани два меѓународни семинари за напредна макроекономска теорија и макроекономско моделирање во коорганизација на Економски факултет - Штип и Народна банка на Република Македонија. Тие семинари беа организирани како дел од проект доделен од страна на Економски институт CERGE-EI во Чешка, при што главен предавач на истите беше професор од Универзитетот JAUME I во Шпанија.

Исто така, потврда за досегашната соработка на двете институции е неколкугодишното гостување на вицегувернерот на НБРМ, м-р Анита Ангеловска-Бежоска, како гостин-предавач на Економскиот факултет при УГД и престижната награда што НБРМ му ја додели на професорот Дарко Лазаров од Економскиот факултет за најдобар млад макроекономист за 2017 година.

Последен пат изменето на Среда, 04 Април 2018 12:21
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…