- Оваа прес-конференција ја организираме овде во Домот на културата во Пробиштип, со една убава цел, одбележување на денот на планетата Земја. Ние како УГД одлучивме овој ден со Општина Пробиштип да го одбележиме со една презентација на досега сработеното преку еден важен проект за Пробиштип и УГД, а тоа е проектот „Биоотпад“. Се обидовме да ги поврземе овие две работи, заштитата на планетата со овој проект, затоа што станува збор за доста обемен проект кој вклучува повеќе партнери, меѓу нив од Македонија УГД и Општина Пробиштип како лидер во Македонија во обработката на биоразградливиот отпад – изјави м-р Дијана Насева од УГД.
Градоначалникот на Општина Пробиштип изрази задоволство што општината е вклучена во ваков проект, кој вреди 270.000 евра, и општината добива огромна привилегија да преземе сериозни и ефикасни мерки во заштитата на животната средина и менаџирањето на отпадот.
- Пробиштип ќе добие три компостари. Имаме неколку целни групи, едната се угостителските објекти, како и две населби на територијата на општината. Целта на проектот е преку практично и научно истражување да покаже ефикасност на воспоставување на новиот систем на собирање на отпад кој неминовно ќе мораме според директивите на ЕУ за кратко време да го применуваме. За Пробиштип е привилегија да биде пилот-општина која реализира ваков значаен проект за заштита на животната средина – изјави Драган Анастасовски, градоначалник на Општина Пробиштип.