Обуката се организира во соработка со Катедрата за педагогија при Филозофскиот факултет на УКИМ - Скопје и Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ при УКИМ - Скопје.
- Целта на овие обуки е да се запознаеме со предучилишната програма која е одобрена од страна на Министерството, но и списанието 'Росица' кое е најстаро списание за деца во предучилишна возраст и како тоа е применливо во образованието - изјави Ксенија Маказлиева-Трајчева, одговорен уредник во „Просветно дело“.
Проректорот на УГД проф. д-р Кирил Барбареев истакна дека оваа обука ќе биде значајна за голем број наставници и воспитувачи.
- Моето размислување е дека имаме премалку вакви средби. Треба да ја подигнеме културата на квалитетна комуникација меѓу институциите. И мислам дека треба да имаме повеќе обуки затоа што тие се многу важни. Овде имаме воспитувачи во најголем дел од предучилишните установи во Република Македонија, како и стручни работници и соработници, но и менаџментот на предучилишните установи. Овде се и локалните просветни инспектори и стручни лица, како и негувателите. Станува збор за важна структура на луѓе и има околу 700 воспитувачи. Ова се најважните теми за еден воспитувач. Она за кое јас ќе зборувам се најновите истражувања во делот на развојот на говорот. Споделувам нови податоци и информации и мислам дека ќе бидат важни за воспитувачите. Ќе бидат отворени и темите за медиумите и како тие влијаат на развојот на детето - изјави проф. д-р Кирил Барбареев, кој како професор на Факултетот за образовни науки имаше и свое излагање на обуката.
Обуката во Мултимедијаниот центар на УГД ќе трае два дена, а предавачи се: проф. д-р Лена Дамовска, проф. д-р Кирил Барбареев, проф. д-р Флорина Шеху, проф. д-р Снежана Мирасчиева, проф. д-р Снежана Јованова-Митковска и проф. д-р Маја Рауник-Кирков.