Во 2018 година е прогласен за еден од 100-те највлијателни светски фотографи од Фото сојузот на Макао, а подоцна ќе биде прогласен за најдобар фотограф во светот од страна на Фото асоцијацијата на Турција. Фото друштвото на Америка, кое важи за најреномирана фотографска асоцијација, го прогласи Владимир Јовановски за фотографска екселенција, а ова е единствена ваква титула во Македонија.
Според претседателот на Фото клубот „Широк агол“, проф. д-р Зоран Здравев, ова е една од активностите на клубот кои во иднина ќе ги има во континуитет:
- Се обидуваме да го реактивираме фотографскиот аматеризам и креативната фотографија во Штип и ова е дел од таа програма што ја реализираме. Со ова сакаме да поттикнеме да имаме повеќе членови во клубот и истовремено да ја интензивираме соработката со УГД преку Ликовната академија и Технолошко-техничкиот факултет. Во клубот можат да членуваат сите заинтересирани, а придобивките се бројни – членување во асоцијации, настапување на изложби, предавања, обуки...
За Владимир Јовановски е добра вест што Штип повторно се активира фотографски.
- Ова е град со долга фотографска историја, дури два клуба кои со тек на времето градеа свои јаки автори. Сакам да им посакам успешна работа и продуктивни и креативни нови генерации и многу награди на натпреварите и изложбите на кои ќе учествуваат и ќе се натпреваруваат. Бранот на популаризација на фотографирањето со развојот на технологијата, со тоа што имаме апарати во џебовите, со мобилните телефони, со себе донесе и многу непожелни работи, односно неразмислување, механичко фотографирање. Кога сме имале апарати со 36 пози, во времето на аналогната фотографија, сме мислеле како фотографираме, сме размислувале за тоа што гледаме пред нас и како да го овековечиме. Во ова време, во кое позата не ни вреди ништо, само штракаме без мислење и се исклучуваме умствено. Но полека новите генерации фотографи го надминуваат тој проблем и почнуваат да мислат – што да ставиме во кадарот, односно како да направиме фотографија која ќе раскажува некоја интересна приказна што ќе пренесува некаква емоција на авторот – изјави Владимир Јовановски.