- Најнапред да им посакам добро здравје и среќа на сите вработени на УГД во претстојната година и во празниците што доаѓаат и да им посакам и на нивните семејства успех во годината што доаѓа, а секако и на студентите на нашиот Универзитет им посакувам успех во студирањето и во животот, а секако и на сите студенти во РМ. Годината која полека изминува е исклучително добра година од аспект на тоа што значи понатамошно етаблирање на овој Универзитет во рамките на високото образование во Р Македонија и во регионот. Ние оваа година ја заокружуваме со огромен број активности кои значат придобивка во делот на развојот на квалитетот на образованието на овој Универзитет, а од друга страна се бориме добро да се позиционираме во сите услови кои се случуваат во државата од аспект на сите проблеми во образованието генерално во државата, а посебно во високото образование, имајќи предвид што се случува со демографските движења во РМ и она што значи реакција на младите кон сето она што се случува во општеството. Затоа мислам дека клучен момент во 2018 г. беше она што се случуваше на уписите во учебната 2018/2019 година, бидејќи генерално гледано бројките на сите универзитети во РМ имаа тенденција на пад, во надолна линија. Мислам дека Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип со сите напори што ги направи во делот на неговата промоција од една страна, а од друга страна на она што значи образовни програми, она што значи квалитет во образованието, наставата, она што значи солидна инфраструктура која на некои установи е потполно заокружена во делот на опременоста, добро поминавме во 2018 година со бројката околу 2000 студенти во прва година. Мислам дека таквите бројки доколку Универзитетот ги повторува во годините што доаѓаат ќе бидат една стабилизирачка алатка во поглед на работењето на овој Универзитет и неговото натамошно профилирање. Реков дека, генерално, сум задоволен од оваа година. Иако е исклучително тешка година, меѓутоа сум задоволен од она што се случува на Универзитетот, од она што го работат нашите професори, она што го постигнуваат нашите студенти, следејќи ги нивните активности во делот на образованието, соработките, науката, и мислам дека и годината што доаѓа ќе биде уште подобра, имајќи предвид што се случуваше во 2018 година.
Ректорот на УГД, академик Блажо Боев, одговори и на прашањето што значи за УГД и за него лично изборот за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите:
- Мојата афирмација во делот на науката не ја гледам само како моја, туку ја гледам како исклучителен придонес на Универзитетот, бидејќи е значајно прашањето на партиципирањето на Универзитетот во највисоката научна установа во Р Македонија, а тоа е МАНУ. Мислам дека мојот влез во оваа Академија во секој случај е успех и на Универзитетот, бидејќи тоа не се само мои вреднувања, туку се вреднувања и на она што го постигнува овој Универзитет во изминатиот период. Мислам дека со тоа УГД добива многу, а јас не се гледам одделен од таа установа и дека е тоа некоја придобивка само за мене – не, мислам дека е важно за Универзитетот, да се позиционира добро во високото образование во Р Македонија, имајќи предвид што следи во високото образование во Македонија – конституирањето на Агенцијата за квалитет, формирањето на Националниот совет за наука и образование, сите оние нови тела и структури кои доаѓаат во 2019 година и кои рапидно ќе влијаат на трансформацијата на високото образование во Р Македонија – вели Боев.
Во новогодишното интервју академик Боев говори и за подготвеноста на УГД да партиципира во новите тела за високото образование, во евалуацијата на образовните програми, за кадровската екипираност на УГД, потребата од нови вработувања, стипендирањето и поддршката на студентите како начин да се дојде до квалитетни студенти, како универзитетите треба да се однесуваат кон студентите, за перспективите, потребата од напуштање на трендот на квантитет и свртување кон квалитет...